fbpx

Контраспин: Има ли поголем македонски национален интерес од евроинтеграциите?

За Западен Балкан се предвидени во следните години 2 милијарди евра во грантови и 4 милијарди евра во поволни заеми, од вкупно предвидените и веќе трошени 30 милијарди евра, како што го изјави тоа Фон Дер Лајен во Скопје

-

Што ќе стане со нашата кандидатура со замрзнати преговори? Заговорниците на тезата дека „не треба да брзаме“, кои истовремено велат дека „од тебе зависат промените“, на ова немаат одговор. Поточно, нивниот одговор, парафразирано, е дека прво ќе се потпрат на изградба на водовод и канализација за секој граѓанин во државата, на домашна борба со криминалот и корупцијата, како и имплементација на владеење на правото, а потоа, кога ќе сме направеле резултати и тие од ЕУ ќе биле поподготвени да ја сменат преговарачката рамка, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски гостувајќи во тв дебата искажа став во кој може да се препознае спин:

Спин: Секој кој што сака да разговара со ВМРО-ДПМНЕ и да ги слушне нашите аргументи е добредојден. Нашите аргументи остануваат исти сметаме дека она што беше кажано во таа насока не беше доволно за да ни го промени нашиот став од аспект на уставни измени. Од она што може да се заклучи еве денес е ден после таа посета нема никакво подобрување ниту во здравството енергетиката труд и социјалата, финансиите, тоа значи дека сепак ние самите дома ќе треба да ги подобриме тие перформанси за да можеме да аплицираме на тој план за раст кој што го претстави самата претседателка на Европската Комисија.Но она кое што е важно и кое што е суштина е сепак треба да знаеме дека Фон Дер Лајен ги претставува интересите на ЕУ и за тоа е платена, додека ние како политичари сме платени од народните пари да ги застапуваме интересите на граѓаните кои што живеат овде и македонските интереси. На крајот од денот треба да ги штитиме нашите интереси кои се пред и над сè.

[Извор:ВМРО-ДПМНЕ – интервјуа/веб;датум – 31.10.2023]

Контраспин: Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски тешко може на рационален начин да ги појасни аргументите на неговата партија зошто се против уставните измени, освен повторување на фразата „не под бугарски диктат“ и уверувањата за „нови барања од Софија што ќе уследеле потоа“. Но, секако не може да аргументира дека не е спин неговата порака дека „интересите на ЕУ и македонските национални интереси се различни нешта“. А токму тоа го кажува Стојановски.

Иако тие можат во даден момент да се разликуваат (на пример, во одредени политики на Унијата кои би биле различни од интересите на земјата во економијата, трговијата, санкциите кон некоја земја, итн.), во моментов тие интереси се исти. Зашто и ЕУ и Македонија сакаат да соработуваат до степен на полноправно членство на земјата во ЕУ кога за тоа ќе бидат исполнети сите услови. Со други зборови, бидејќи нема сомнеж во ставот на ЕУ и на нејзината влада претставена преку ЕК, дека еден од врвните приоритети на Унијата е нејзиното проширување со земјите од Западен Балкан, а бидејќи, барем декларативно, сите поважни партии од земјава, и таа на Стојановски, велат дека еден од врвните приоритети е членство во ЕУ, тогаш е јасно дека изјавата на пратеникот е извртување на вистината и спин.

Посебно во контекст на промена на Уставот, на последиците од непромената и на планот за раст на Западен Балкан, што го спомена Урсула Фон Дер Лајен при нејзината последна турнеја на земјите од Западен Балкан, уште пред полноправното членство. Од директно пласирање на македонски стоки на пазарите на Европската унија, преку користење на правото на непречено движење на луѓето со признавање на дипломите на различни професионални струки, до намалувањето или целосно укинување на роамингот. Во пари пак, за Западен Балкан се предвидени во следните години 2 милијарди евра во грантови и 4 милијарди евра во поволни заеми, од вкупно предвидените и веќе трошени 30 милијарди евра, како што го изјави тоа Фон Дер Лајен во Скопје. За земја како С. Македонија, каде грантот од 80 милиони евра од ЕУ за справување со енергетската криза и 260 милиони евра за макроекономска и за буџетска поддршка, секако се исклучително значителни средства или 100 – на милиони од ИПАРД и ИПА програмите, новото ветено зголемување на грантовите и на меката кредитна поддршка се исклучително важни. Сето тоа е национален интерес на државата и на граѓаните и потпаѓа под македонски национален интерес.

Но, камо среќа да се само парите. Тие можат да дојдат и од друго место. Под други услови, се разбира. Станува збор за вредности, но уште повеќе за стандардите што ги има и ги бара ЕУ за да се стане нејзина членка, кои имплементирани во земјава, секако дека се македонски национален интерес (види од 20-та минута за 4-те столба на планот за раст што го претстави Фон Дер Лајен).

Што потоа?

Всушност, апсурдноста на оваа теза дека ЕУ си има свои интереси, а ние свои, произлегува од две непознати и неодговорени прашања од страна на заговорниците „да не брзаме кон ЕУ под овие услови“. Едното е општо непознавање на фактот дека секоја припадност кон сојуз на држави, каква што е ЕУ, бара од земјите да се откажат од дел од својот суверенитет и да го отстапат кон сојузот поради заедничките интереси и дека земјава не е единствена со некаков дополнителен услов кој произлегува од преговарачката рамка. Но, второто, многу позначајно неодговорено прашање од страна на оние на кои не им се брза кон ЕУ, е што потоа?

И навистина, што кога Албанија ќе се одвои од Македонија во декември и што кога ќе влеземе во односите со ЕУ како земја која е поназад во процесот од Србија, Црна Гора и Албанија? Што ќе стане со нашата кандидатура со замрзнати преговори? Заговорниците на тезата дека „не треба да брзаме“, кои истовремено велат дека „од тебе зависат промените“, на ова немаат одговор. Поточно нивниот одговор, парафразирано, е дека прво ќе се потпрат на изградба на водовод и канализација за секој граѓанин во државата, на домашна борба со криминалот и корупцијата како и имплементација на владеење на правото, а потоа кога ќе сме направеле резултати и тие од ЕУ ќе биле поподготвени да ја сменат преговарачката рамка. Одговор, кој тешко дека е сериозна алтернатива на започнати преговори и на приклучување на возот за економскиот раст на Западен Балкан уште пред земјите да бидат подготвени за членки на Унијата, кој секако бара и имплементација на реформи. Оттука, разликите, барем меѓу Албанија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија само ќе се зголемуваат. Е дури тогаш, во една таква иднина, тезата на Стојановски дека ЕУ си има свои, а ние наши интереси нема да биде спин. Кажана во моментов, таа е спин.

***

Во меѓувреме, можеби на овие што не им се брза кон ЕУ под овие услови, во следниот период ќе успеат да стават во погон уште една, две локомотива на линијата Скопје – Битола, па уште по една, две до заборавените и обраснати во коров станици во Кичево и Кочани, по што ќе можат да кажат – ете тоа се нашите македонски национални интереси, наспроти интересите на ЕУ и ние тоа го можеме сами. А колку можеме сами, речито зборува сегашниот срам со железничкиот сообраќај во земјава со едната локомотива за Битола и назад. Што е резултат на здружени напори на најголемите партии што се на власт во изминатите три децении, со мали проблесоци во дадени периоди, што не се доволни да ја разбијат темнината. А во земјава, наместо за усогласување и имплементација на европското со домашното законодавство и реформи во сите области, јавноста ќе биде преокупирана со „умерени“ или „радикални“ Албанци, со „Бугарите како најголем непријател“, со „јакнење на патриотизмот“ кај младите со пеење на националната химна секој понеделник во основните училишта…

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...