Изграден топловодот од РЕК Битола, допрва ќе се гради топловодната мрежа низ градот

„Овој капитален проект станува реалност после 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола“, посочи премиерот Ковачевски

Извор на фотографија: Влада на РСМ

После бројни години минати без централно парно греење, во Битола интензивно се работи на изградбата на топловоден систем, со кој РЕК Битола ќе се искористи за загревање на домовите на жителите од овој град.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше на завршувањето на градежните работи на топловодот кој се градеше од РЕК Битола до самиот град, а тој го означи и почетокот на активностите за изведба на топловодната мрежа во Битола.

„Овој капитален проект станува реалност после 40 години, посакуван откако е изграден РЕК Битола“, посочи премиерот Ковачевски.

Овој проект, како што нагласи премиерот, по своето значење и големина се сврстува во рангот на изградбата на РЕК Битола, на Стрежево и други капитални објекти од суштинска важност за Битола.

„Овој капитален проект се реализира со 39 милиони евра поддршка на германската KFW банка, како и дополнителни 7 милиони евра сопствени средства на АД ЕСМ и ќе донесе бројни придобивки коишто ќе ги почувствуваат сите граѓани. Интензивно се работи од 2021 година и системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година“, соопшти премиерот Ковачевски.

Трасата на топловодот поминува и низ Новаци и Могила, две рурални општини, во коишто жителите главно се занимаваат со земјоделство, а топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти и со тоа ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот.

Ковачевски информираше дека се решени имотно-правните односи по текот на трасата на топловодот, по пат на експропријација. Проектот од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила е еколошки и ако претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола, којашто ќе работи на мазут, сега е тоа решено со потстаница за природен гас. А решена е, како што истакна премиерот – и најголемата дилема за долгорочноста на топловодот.

„Со последните измени на проектот, направени пред да отпочне неговата реализација, обезбедивме иднина на топлификацијата, без разлика од каков ресурс РЕК Битола ќе произведува електрична енергија“, рече премиерот Ковачевски.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов нагласи дека граѓаните на Битола ќе добијат парно од РЕК Битола, со што ќе се намали потрошувачката на струја и ќе се намалат сметките за затоплување на институциите и домовите и посочи на еколошките придобивки од топлификацијата.

„Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите“, рече Стефанов.

Директорот на ДООЕЛ Топлификација Битола, Горан Козаров посочи дека „Битола добива топлификациски систем којшто е проектиран да работи и независно и да обезбедува топлинска енергија од 100 MW“.

Завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК Битола до Битола, како што рече директорот Козаров, продолжува по битолските улици и во следните 18 месеци, низ Битола е предвидено да бидат изградени 10,5 километри топловод.