Фестивал на приказни за деца и млади „Крошна” попладнево и вечерва во Скопје

Првото издание на Фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна“ ќе се одржи попладнево и вечерва на пет локации во Скопје.

Главната замисла на овој настан е да открие пред младата публика како читателското искуство одекнува и се преобразува низ други медиуми, како раскажувањето и сценските уметности. Сите добро знаеме дека читањето убава литература нè збогатува со нови чувства и идеи, но тие не мора да останат затворени во внатрешниот свет на читателот. Тие може да бидат изразени и споделени меѓу читателите на разни начини, свивајќи густи, разнобојни крошни околу изворната замисла на писателот“, порачаа организаторите.

Фестивалот е замислен како патека на приказните со следниве настани:
– од 16 до 17 часот отворање на фестивалот во кафе-книжарницата „Буква“ – замокот на светот на фантазијата. Раскажувачите Ана Голејшка и Владимир Лукаш ќе раскажуваат приказни инспирирани од „Кој сакаш да бидеш?“ на Карло Фрабети.

– од 17 до 18 часот, во Драмскиот театар децата ќе може да учествуваат во интерактивна театарска претстава инспирирана од „Писма до некого и до никој друг“ на Тон Телехен заедно со актерите-раскажувачи Наташа Петровиќ и Ненад Митевски.

– од 18 до 19 часот во Театарот на сенки „Сенки и облаци“ (Дебар Маало) ќе има интерактивен ликвид перформанс со сенки инспириран од „Магла“ на Марта Палацези.

– од 19 до 20 часот во МКЦ, во Детскиот креативен центар раскажувачката Ангела Стојановска ќе раскажува за пишувачите на писма.

– од 20 до 21 часот во Планетариумот, во МКЦ  ќе слушаме приказни за ѕвездите и за црните дупки инспирирани од „Мрежа“ на Сара Алегрини.

Фестивалот „Крошна“ е во рамки на проектот „За оние по нас. План за поттикнување читачки навики кај младите“ дел од програмата „Креативна Европа“.

Повеќе информации може да најдете на Фејсбук страниците на Сказнувалка и Крошна.