fbpx

ЕУ за нови проекти во земјава одобри неповратни средства од 225,6 милиони евра

-

На крајот на јули 2022 година, Европската Унија ги одобри првите проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, при што Северна Македонија аплицираше со четири инвестициски проекти и добивме поддршка за секој од нив, во вкупен износ од 225,6 милиони евра. Станува збор за неповратни средства – грантови, која што финансиска поддршка нема потреба да се враќа назад за разлика од земањето кредити.

За изградба на пругата помеѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на Коридорот 8, за секцијата Крива Паланка – граница со Бугарија, доделен е грант во износ од 149,2 милиони евра, додека за проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 – Фотоволтаична станица доделен е грант за Северна Македонија во износ од 1,6 милиони евра. За проектот за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола – Фотоволтаична централа доделен е грант во износ од 5 милиони евра, а за проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје доделен е грант во висина од 69,8 милиони евра.

За ова денеска на прес-конференција информираше вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој рече дека само со максимално искористување на европските пари ќе може да продолжиме со забрзан процес на реформи, кои се неопходни во процесот на напредување кон членство во ЕУ, и сето тоа со една единствена цел – подобар, полесен и помирен живот за граѓаните.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека со почетокот на скринингот, а многу повеќе со отворањето на поглавјата, граѓаните ќе го оценуваат напредокот на земјата токму низ имплементацијата на европските стандарди во сите сфери на општеството и информираше дека на почетокот од 2023 година следува нова инвестициска офанзива.

„На тековниот повик за инвестициски грантови, Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од 53 милиони 15 илјади и 968 евра и тоа: Два проекти од областа на енергетиката, и тоа реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци и еден од областа на заштитата на животната средина, изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион“, рече Маричиќ, додавајќи дека во соработка со Германската развојна Банка ќе се работи на енергетска ефикасност на сите студентски домови во државна сопственост.

На прес-конференцијата вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, говореше и за новиот концепт на ЕУ за поддршка на земјите од Западен Балкан, ИПА III, за која веќе е подготвен Стратешки одговор за користење на оваа Програма за периодот 2021-2027 година. Истата за 2023 година е во прва фаза на одобрување, односно во јули 2022 година доставени се акциски фишеа, а предвидува финансирање од ЕУ во износ од 68 милиони евра, за кои дополнително ќе биде обезбедено национално ко-финансирање.

Дополнително, вицепремиерот и Национален ИПА координатор Маричиќ информираше дека Европската комисија ја усвои и програмата за ИПАРД 3, во која се доделени 97 милиони евра европски средства кои ќе се искористат за поддршка на инвестиции во нова земјоделска механизација, изградба на сточарски и живинарски фарми, винарии, млекари, кланици, ладилници, инвестиции во рурален туризам, поддршка за мали бизниси во рурални средини и подобрување на руралната инфраструктура.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...