fbpx

Низ примерот со Босна и Херцеговина се гледа флексибилноста на условеноста на ЕУ

Oлеснетите услови ѝ овозможија на Босна и Херцеговина, по подолго време да се придвижи во агендата за европска интеграција. И, секако, треба да се поздрави сменетиот пристап кон оваа земја, пишува Малинка Ристевска Јорданова

-

Анализа на Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика за Портаб.мк

 

Главната вест во врска со проширувањето од мартовската седница на Европскиот совет на ЕУ беше одлуката за почнување преговори со Босна и Херцеговина. И оваа одлука е, секако, без датум. Преговарачка рамка Комисијата треба да ја предложи, но таа да се усвои тогаш кога ќе се исполнат „сите релевантни чекори“ кои Комисијата ги постави во октомври 2022 година.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Примерот на Босна и Херцеговина е веројатно најилустративен да се сфати флексибилноста на условеноста на Европската Унија во проширувањето која посебно е изразена откако Украина влезе во тој процес. Мислењето на Европската комисија за барањето за членство на Босна и Херцеговина од 2019 година всушност беше негативно – според Комисијата таа не ги исполнуваше „во доволна мера“ политичките критериуми. За да напредува во интеграцијата со ЕУ, тогаш Комисијата на Босна и Херцеговина ѝ постави 14 приоритети за да ги отпочне преговорите. И самиот број на приоритетите не го одразува нивниот опсег, зашто во нивни рамки содржани се и многу потточки. Уште помалку ја одразува нивната сложеност. И според зборови на Еворпската комисија, овие 14 приоритети значат темелно унапредување на законодавната и институционалната рамка.

Всушност, тие имплицираа и многу повеќе – измени во уставното уредување на Босна и Херцеговина воспоставено со Дејтонскиот мировен договор од 1995 година. На пример, еден од овие приоритети е спроведувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права Сејдиќ – Финци од 2009 година. Според оваа, веќе историска одлука на Судот, неможноста на тужителите, кои не се претставници на еден од трите конститутивни народи на Босна и Херцеговина, да бидат избрани во Претседателството и во Домот на народите всушност претставува дискриминација. Секако, оваа одлука не е спроведена.

Kога Босна и Херцеговина изгледаше длабоко заглавена во спроведувањето на приоритетите, дојде одлуката за доделување кандидатски статус за Украина и Молдавија – на забрзан и многу полесен начин одошто за која и да е држава од Западниот Балкан. На Комисијата ѝ требаа 3 години да подготви негативно мислење за поднесеното барање за членство на Босна и Херцеговина (Мислење од 17 страни, со приложен Аналитички извештај од 185 страни), а нешто повеќе од три месеци за да подготви позитивно Мислење за Украина на 30 страни (без аналитички извештај). Покрај полесното добивање на кандидатскиот статус, Украина, Молдавија и Грузија во јуни 2022 година добија и многу полесни услови за почеток на преговорите. Овојпат тие „услови“ не беа нарекувани „приоритети“, туку „чекори“.

Толку очигледната неправда кон Босна и Херцеговина мораше на некој начин да биде
исправена, по реакциите кои доаѓаа од сите страни. Затоа, Европскиот совет на истата таа седница кога им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија изјави дека е подготвен да ѝ додели кандидатски стаутс и на Босна и Херцеговина. Затоа, кога побара од Европската комисија да извести за напредокот на 14-те приоритети, побара специјално внимание да обрне на оние кои претставуваат „суштествен збир на реформи“ за да може Европскиот совет да одлучува за кандидатурата. Тоа беше формулата за условите практично да се сменат и да се определат само оние што се реално остварливи во сегашниот контекст, за Босна и Херцеговина да може да продолжи понатаму. Сведувањето на условите на 8 „чекори“ – далеку поедноставни од 14-те приоритети ѝ овозможи Босна и Херцеговина со постепеното нивно исполнување да си обезбеди кандидатски статус, а и одлука за почеток на преговорите. Тие се уште не се целосно реализирани, па ќе останат важечки за понатамошните фази од процесот.

Факт е дека вака олеснетите услови овозможија Босна и Херцеговина, по подолго време да се придвижи во агендата за европска интеграција. И, секако, треба да се поздрави сменетиот пристап кон Босна и Херцеговина. Сепак, некои аналитичари оценуваат дека ова е „премалку, предоцна“. Некои, пак, претпоставуваат дека ќе беше многу покорисно ако ваков пристап кон оваа држава имаше по завршувањето на војната или барем во некои други времиња – на пример пред петнаесетина години, по потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Колку и да сакаме да навиваме Босна и Херцеговина да остане колатерална добивка во овој процес, за жал, реално мора да признаеме дека стојат многу предизвици за тоа. Многу од нив зависат од самите внатрешни политички фактори. Меѓутоа – многу зависат и од меѓународниот фактор, претставен во државата преку Високиот претставник, кој пак од 2021 година наваму е многу повеќе подготвен да ги користи т.н. Бонски овластувања – односно да донесува одлуки кога националните власти не можат да донесат. Конечно, реално е да се очекува соседните земји – членки на ЕУ (засега тоа е само Хрватска) во следните фази на процесот на пристапување да ги вградуваат сопствените интереси во поставувањето на условите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Безбедноста станува помал приоритет, вели поранешниот истражувач за безбедност на „OpenAI“

Јан Лејк, поранешен вработен во „OpenAI“ кажува дека приоритет за компанијата се „напредни производи“, а не безбедноста, откривајќи дека тој дал отказ по несогласувања околу клучните цели, пишува Гардијан. Лејк...