„Епл“, „Гугл“ и „Мета“ ќе бидат предмет на првата истрага според Законот за дигитални пазари на ЕУ

Кршењето на законот може да резултира со казни од дури 10 отсто од глобалниот годишен промет на компаниите

илустрација: Мета.мк

„Епл“, „Гугл“ и „Мета“ ќе бидат под истрага за потенцијални прекршувања на новиот Закон за дигитални пазари на ЕУ, најавија европските антимонополски регулатори вчера, што може да доведе до големи казни за компаниите, објави Ројтерс.

Новиот закон кој стапи на сила на 7 март, има за цел да ја оспори моќта на технолошките гиганти со тоа што ќе го олесни движењето на луѓето меѓу конкурентските онлајн услуги како што се социјалните мрежи, интернет прелистувачите и продавниците за апликации. Се очекува ова да отвори и простор за помалите компании да станат конкурентни.

Кршењето на законот може да резултира со казни од дури 10 отсто од глобалниот годишен промет на компаниите.

Технолошките компании соопштија дека ангажирале илјадници инженери за да се осигурат дека нивната работа е усогласена со новиот европски закон, но Европската комисија вчера соопшти дека се сомнева оти преземените мерки не се во согласност со Законот за дигитални пазари.

Дилемата за „Епл“ е дали ги исполнува обврските за на корисниците да им овозможи лесно да ги деинсталираат софтверските апликации на нејзиниот оперативен систем „iOS“ и да се префрлат на други интернет прелистувачи на мобилните телефони Ајфон.

Истрагата на Европската комисија ќе испита и дали „Гугл“, при прикажување на резултатите од пребарувањето, ги фаворизира своите услуги „Google Shopping“, „Google Flights“ и „Google Hotels“ во однос на ривалите.

Еврокомесарот Тиери Бретон вели дека компанијата „Мета“, која минатата година воведе претплатничка услуга без реклами во Европа, треба да понуди и бесплатни алтернативни опции.

Европската комисија, според законот, треба да ги заврши истрагите во рок од една година, а соопшти дека им наредила на компаниите да задржат одредена документација.