Фејсбук и Инстаграм ќе ги означуваат видеата и фотографиите изменети со вештачка интелигенција

Компанијата во мај ќе започне со примена на етикетите „Направено со вештачка интелигенција“ (Made with AI) и тоа на видеа, слики и аудиосодржини генерирани од ВИ и објавени на Фејсбук, Инстаграм и Тредс

Photo by Brett Jordan on Unsplash

Технолошката компанија „Мета“ – сопственик на Фејсбук и Инстаграм, вчера најави големи промени во своите политики за дигитално создадени и изменети содржини, пред изборите кои ќе ја тестираат нејзината способност да ги контролира измамничките содржини генерирани од технологиите за вештачка интелигенција.

Како што пренесе Гардијан, „Мета“ во мај ќе започне со примена на етикетите „Направено со вештачка интелигенција“ (Made with AI) и тоа на видеа, слики и аудиосодржини генерирани од ВИ и објавени на Фејсбук, Инстаграм и Тредс. Со ова се проширува политиката што претходно се однесуваше само на мал дел од изменетите видеа.

Од „Мета“ најавија и дека ќе почнат со примена на посебни и поистакнати етикети на дигитално изменетите содржини што претставуваат „особено висок ризик за материјална измама на јавноста за важно прашање“, без разлика дали овие содржини се создадени со вештачка интелигенција или други алатки.

Промените доаѓаат неколку месеци пред американските претседателски избори, за кои технолошките истражувачи предупредуваат дека може да бидат под влијание на технологиите за генеративна вештачка интелигенција. Политичките кампањи веќе почнаа да користат алатки за ВИ во држави како Индонезија, со што се прекршуваат упатставата издадени од компании како „Мета“ и „Опен АИ“.

Новото етикетирање ќе се применува на содржини објавени на Инстаграм, Фејсбук и Тредс, додека услугите Ватсап и Куест се опфатени со поинакви правила.