fbpx

Стара невистинита вест дека пијан Србин убил ајкула во Египет, преку руски медиуми стаса и кај нас

Уште во 2010 година Дејли Мејл пишува за лажниот настан на српски турист, кој убил ајкула која ги плашела туристите во египетскиот туристички центар Шарм ел Шеик. Приказната станала интернет сензација и веднаш биле покренати многу прашања за нејзината автентичност

-

Уште во 2010 година Дејли Мејл пишува за лажниот настан на српски турист, кој убил ајкула која ги плашела туристите во египетскиот туристички центар Шарм ел Шеик. Приказната станала интернет сензација и веднаш биле покренати многу прашања за нејзината автентичност, а според некои од коментарите, таа потекнува од сатиричен сајт. Проверката на Вистиномер покажа дека оваа дезинформација првично била објавена на сатиричниот сајт Њуз Нет во 2010 година, од каде некритички е пренесувана како да е вистина и тоа во период кога навистина имаше бројни напади од ајкули во Црвеното Море, поради кои бројни украински и руски туристички агенции ги откажуваа аранжманите за туристите во Египет, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Верувале или не! Го однеле во болница на испирање на желудникот од алкохолот.

Во склоп на објавата се споделува медиумски напис во кој има и видео од телевизија каде водителот на руски јазик објаснува дека „пијаниот српскиот турист Драган Стевиќ кој бил на летување во Египет, скокнал од скокалница врз ајкула која од ударот починала”. Потоа се додава дека неговиот скок завршил врз главата на ајкулата, а тоа ја убило, додека тој поминал само со полесни повреди и бил хоспитализиран поради повреда на зглобот и сериозна интоксикација од алкохолот. Написот завршува со тврдењето дека наводно египетските власти му дале на Стевиќ награда за храброст за ваквиот чекор да ја убие ајкулата.

Целосната измислица е пренесена некритички, односно претставена е како да се работи за вистинска информација, со што е прекршен членот 1 од Кодексот на новинарите, во кој е јасно наведено дека новинарите ќе пренесуваат само точни и проверени информации. На интернет има доволно информации кои доколку била направена проверка, би воделе до недвосмислениот заклучок, дека ова е дезинформација.

Твитер каналот каде е објавено руското видео има напомена дека е сатиричен.

Како што во 2010 година пишува Дејли Мејл, лажниот настан на српски турист кој убил ајкула која ги плашела туристите во египетскиот туристички центар Шарм ел Шеик, стана интернет сензација. Веднаш беа покренати многу прашања за автентичноста на приказната и  според некои од коментарите, таа потекнува од сатиричен сајт.

Според Дејли Мејл, сликата која била објавена со првичната дезинформација на македонски сајт, потекнувала од Америка, од Северна Каролина, а не од Шарм ел Шеик, односно била неовластено преземена за да му се даде кредибилитет на настанот со убивањето на ајкулата кој никогаш не се случил.

Наместо во Црвеното Море, предаторот кој е на фотографијата бил фотографиран илјадници милји подалеку, на брегот во Северна Каролина. Приказната во 2010 година ја објави македонски сајт, а потоа Њујорк Пост ја презеде, со што таа стана вирална додека блогери не почнаа да посочуваат дека во неа има многу дупки. Извештајот во македонскиот медиум оригинално посочувал дека египетските власти го нарекле Стевиќ национален херој и му го дале прекарот ,,Шарк ел Шеик”.

Во првичната објава за овој лажен настан, имало и изјава од извесен Милован Убирапа, наводен сведок на инцидентот. Но, во коментари на Carolinabeachtoday.com, сајтот тврди дека фотографијата од ајкулата е нивна и неовластено преземена.

Извини Драган, навистина беше една неверојатна приказна и камо среќа да беше вистина. Но, не се откажувај, продолжи да скокаш врз тие ајкули, некој ден можеби навистина ќе ти се посреќи, напишале од порталот.

Оваа лажна приказна стара повеќе од 14 години се појавила во период во кој руски и украински туристи во Египет биле нападнати од ајкули. На повозрасна жена ајкула одгризала дланка, како и нога на друга жена. Десетици туристички агенции тогаш ги откажувале аранжманите после нападите. Вистиномер утврди дека таа е објавена и на сатиричниот сајт Њуз Нет.

И медиумите во Нов Зеланд пишуваат дека приказната е базирана на фантазија, а не на вистина.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...