fbpx

Оставки во СДСМ по изборниот пораз, калкулации во ВМРО-ДПМНЕ за коалиции во идната влада

Kоалицијата предводена од СДСМ освои 18 мандати во Собранието, што е најниска бројка од досегашните изборни процеси. Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места, додека коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има 19 пратенички места. Коалицијата ВЛЕН има 13 пратенички места, a по шест мандати имаат Левица и движењето ЗНАМ

-

Потпретседателите на СДСМ Перо Костадинов и Фатмир Битиќи вчера вечерта, по објавувањето на прелиминарните резултати од парламентарните избори поднесоа оставка од партиските функции, а Битиќи побара тоа да го стори целото раководство.

„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, напиша Битиќи, кој беше и вицепремиер за економски прашања во владите на Димитар Ковачевски и на Зоран Заев.

„По изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома е на сите нас“, напиша Костадинов.

Оставка по вчерашниот катастрофален пораз на изборите не поднесе лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој повика на избори на сите партиски тела, и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, сѐ до претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата, но не прецизираше кога ќе се случи тоа.

Кој со кого ќе коалицира?

Според резултатите од изборите, коалицијата „За европска Македонија“ предводена од СДСМ освои 18 мандати во Собранието, што е најниска бројка од досегашните изборни процеси. Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички места, додека коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има 19 пратенички места.

Коалицијата ВЛЕН („Вреди“) има 13 пратенички места, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски суптилно најави идна коалиција со коалицијата предводена од Арбен Таравари, Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.

Па така, и покрај резултатите во албанскиот блок, веќе е извесно дека во опозиција заминува ДУИ бидејќи и Мицкоски и лидерите на албанската опозиција ВЛЕН најавија разговори за формирање на новата влада.

Во идниот парламентарен состав ќе влезат уште две политички опции – „Левица“ со шест мандати, исто колку и новоформираната ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Принтскрин, ДИК

Она што е очигледно, според бројките од парламентарните избори од 2020 година, е дека Левица речиси го има дуплирано бројот на гласачи. Ако во 2020 година оваа партија имала 37.426 гласачи, на овие избори, бројот на гласачи е над 67 илјади, со што се обезбедени 6 места во Собранието. Бројот на гласачи за СДСМ и коалицијата, пак, е намален за над 175 илјади, додека бројот на гласачи за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е зголемен за над 112 илјади гласачи за разлика од парламентарните избори во 2020 година.

Иако партијата на Максим Димитриевски на парламентарните избори освои над 53 илјади гласови, што е далеку под неговиот резултат од 83 илјади во првиот круг на претседателските избори, тој вчера звучеше оптимистички: „Повеќе нема да живееме во црно сив свет, туку етабилиравме нов политички субјект на политичката сцена“.

За ВМРО-ДПМНЕ да има двотретинско мнозинство во Собранието, потребни се 80 пратеници во Собранието, што значи дека партијата ќе треба да коалицира со три партии за да може да го обезбеди мнозинството. Мицкоски, покрај со албанската коалиција ВЛЕН, најави разговори и со останатите опозициски партии, но, како што рече, тоа не значи дека сите ќе бидат дел од идната влада.

Лидерот на партијата Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој е дел од коалицијата ВЛЕН, најави дека уште денеска ќе ги започне преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, лидерот на ДУИ Али Ахмети испрати порака да се почитуваат гласовите од граѓаните. Во неговиот говор тој алудираше на непишаното правило „победник (од македонскиот) со победник (во албанскиот блок)“, кој самата ДУИ го прекрши по изборите во 2016 кога направи влада со СДСМ кој на тогашните избори имаше два пратеника помалку од ВМРО-ДПМНЕ.

„Реков дека треба стабилност и мир. На државата ѝ треба добра комуникација меѓу заедниците, а не поделба меѓу заедниците. Треба да се почитуваат гласовите на мнозинската заедница во државата, за ова треба да сносиме одговорност сите“, рече Ахмети.

Прва честитка од Орбан за победата на ВМРО-ДПМНЕ

Честитки до Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска-Давкова за „нивната заслужена и историска победа на претседателските и парламентарни избори во Северна Македонија“ прв упати унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа X!

„Со нетрпение очекувам да работиме заедно на давање нов импулс на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ!“, напиша тој.

Азил во Будимпешта, Унгарија, има претходникот на Мицкоски, Никола Груевски, кој избега од Македонија во 2018 година соочувајќи се со обвиненија за тешки кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба.

По вчерашните избори, идните пратеници треба да одржат конститутивна седница во рок од 20 дена или најдоцна до 28 мај.

Паралелно со тоа, треба да се случи и инаугурацијата на новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со оглед дека мандатот на актуелниот шеф на државата истекува на 12 мај. За да се испочитуваат роковите, новата претседателка заклетвата ќе ја даде пред стариот собраниски состав.

Откако ќе се конституира новото Собрание, Сиљановска-Давкова, како претседател, ќе биде должна во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот, во случајов на ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хеликоптер во кој патувал иранскиот претседател претрпи „тешко слетување“

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиши претрпел „тешко слетување“, пишува Би-би-си. Министерот за внатрешни работи кажува дека спасувачите сé уште се обидуваат да стигнат до местото на несреќата поради тешките...