Бесплатни работилници за филм наменети за млади од 15 до 25 години

Можат да се пријават средношколци, студенти од филмски и сродни факултети (филмска и телевизиска режија, продукција, камера, монтажа, сценарио/драматургија), инфлуенсери, професионалци, полупрофесионалци или аматери од Западен Балкан

Фото: Edu Cuts

На 10 креативни работилници, млади таленти од Западен Балкан ќе имаат можиност да ги развиваат и снимаат своите први кратки или долгометражни филмови. Во тек е повикот за првата онлајн-работилница за развој на први филмови со експерти од платформата First Film First. Повикот е отворен најдоцна до 15 мај и е наменет за млади помеѓу 15 и 25 години, кои имаат идеја или сценарио за снимање на краток филм.

Работилницата ќе почне во втората половина на мај со повеќе учесници и ќе се реализира во 5 работни дена во тек на две недели (според потребите и напредокот на проектите).

Едукација на млади од областа на филмот, е целта на мрежата на филмски фестивали и организации Edu Cuts, што е формирана во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој се спроведува со поддршка на „Британскиот совет“.

Во јуни, на втората работилница ќе се квалификуваат најдобрите проекти од првата работилница како и понапредни проекти кои се спремни за продукција и ќе може да се пријават дирекно за втората работилница. Овие две работилници ќе се реализираат на зум-платформата. Можат да се пријават средношколци, студенти од филмски и сродни факултети (филмска и телевизиска режија, продукција, камера, монтажа, сценарио/драматургија), инфлуенсери, професионалци, полупрофесионалци или аматери од Западен Балкан.

Работилниците се бесплатни за сите учесници, а познавањето на англискиот јазик е задолжително. Повеќе за работилниците и за начинот на пријавување, има на овој линк.

„Учеството на работилниците вклучува едукација, интеракции со експерти и врсници од земјите од Западен Балкан кои споделуваат заеднички интереси во производството на видео содржини со подготвеност за тимска работа под надзор на менторите. Најдобрите три кратки филмски проекти како награда ќе добијат поддршка со бесплатно користење на опрема за снимање на филмовите (6K камера, објективи, тон). Проектот предвидува и поддршка за мобилност, односно на најмалку 20 млади филмаџии ќе им бидат покриени патните трошоци за да учествуваат на креативни работилници во други земји каде ќе ги прошируваат своите знаења и ќе ги развиваат нивните идни проекти“, информираат организаторите.

Мрежата EDU CUTS опфаќа филмски фестивали и организации кои се фокусирани на промоција и имплементација на едукација и мобилност на младите таленти.
(www.educuts.com) Проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ финансиран од Европската Унија и поддржан од British Council, за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.