Косово денеска го пушти во употреба новиот автопат „Арбен Џафери“ што ја поврзува Приштина со Скопје. На свечениот чин присуствуваше целиот државен врв на Косово, македонскиот премиер Зоран Заев, собранискиот спикер Талат Џафери и црногорскиот премиер Душко Марковиќ. На автопатот долг 65,5 километри се наоѓа највисокиот и најдолг мост на Балканот, кој во должина од 6 километри надвиснува над Качаничката клисура.

Косовскиот министер за инфраструктура и транспорт Пал Лекај нагласи дека автопатот „Арбен Џафери“ ќе овозможи побрза врска меѓу Приштина и Северна Македонија, но и поврзување на Косово со паневропскиот Коридор 10. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај посака наскоро да биде присутен на инаугурацијата на преостанатиот дел од автопатот, на потегот од граничниот премин „Блаце“ до Скопје.

Македонскиот премиер Зоран Заев во своето обраќање истакна дека денешното пуштање во употреба на автопатот дава поголем мотив за работа.

– Автопатот Арбен Џафери исто така е мотив за нас да ја забрзаме постапката. Наскоро ќе објавиме тендер за 14 километри пат од граничниот премин Блаце до Скопје – изјави премиерот Зоран Заев. Владата на РСМ планира до крајот на 2019 година да ја отпочне изградбата на првата подделница од автопатот на македонска територија, а целосниот проект да биде завршен до крајот на 2023 година.

Автопатот „Арбен Џафери“ ќе овозможи меѓу Скопје и Приштина во иднина да се патува за само 45 минути. На косовска територија, проектот го изведуваше американско – турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“. Автопатот почна да се гради во јули 2014 година.