„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски влезе во селекција за Европските филмски награди

Од денес, па до 7 ноември членовите на Европската Филмска Академија ќе имаат можност да гласаат за избраните филмови, по што врз основа на гласовите, ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм

Илустрација: ЕФА

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, кој неодамна ја имаше својата светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, влезе во групата на филмови кои ја комплетираат овогодинешната селекција за 36. издание на Европските филмски награди, соопшти денеска Европската филмска академија (ЕФА).

Кон крајот на август, прво беа избрани 19 играни филмови, а во потесниот избор се додадени уште 21 филмски остварувања, па финалната селекција содржи 40 европски филмови од вкупно 31 европска држава.

Од денеска до 7 ноември, членовите на Европската Филмска Академија ќе имаат можност да гласаат за избраните филмови, по што врз основа на гласовите, ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм.

Избраните филмови дополнително ќе бидат земени во предвид и за наградите во категориите за најдобра кинематографија, монтажа, продукциски дизајн, костимографија, шминка и фризура, оригинална музика, звук и визуелни ефекти. Тие ќе бидат избрани од осумчлено жири составено од претставници на различни уметности и професиии.

Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано за 9 декември 2023 во Берлин.

На 80. издание на фестивалот во Венеција, „Домаќинство за почетници“ ја доби 17. Queer Lion награда, во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и филмовите на Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер, а филмот продуциран од Лист продукција – Скопје го отвори и 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“.

„Домаќинство за почетници“ е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, а во скопските кина ќе почне да се прикажува од 12 октомври.