На 3 ноември во Кинотека започнува недела на јапонски филм

Сите проекции ќе започнуваат од 20 часот

Фото: Јапонска амбасада

На 3 ноември во 20 часот, по шеснаесетти пат ќе започне „Недела на јапонски филм“ во Кинотеката на Северна Македонија. Годинешната програма на јапонската филмска недела ќе обработува теми од секојдневните предизвици со кои се соочуваат претставници од различни демографски групи во јапонското општество.

„Тоа ќе ѝ овозможи на публиката полесно да се идентификува и приближи до културата која е далечна, а сепак блиска. Ќе имаме шанса да видиме нови јапонски филмови од помладата генерации продуценти, како и атрактивни актери кои се популарни во Јапонија“, се наведува во соопштението од Јапонската амбасада.

На прес-конференцијата организирана за најава на Неделата на јапонски филм, амбасадорот Оцука Казуја ги потсети присутните дека следната година се слави 30 годишнината од дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија и дека ќе се случуваат многу културни настани. Тој ги покани сите заинтересирани за јапонската култура да ги земат во предвид апликациите за отворениот конкурс за финансиска поддршка на јапонската фондација.

Сите проекции ќе започнуваат од 20 часот. Ќе има проекции и во Центарот за култура во Битола, на 9 и 10 ноември. Сите проекции се бесплатни, но со ограничен капацитет.

Неделата на јапонски филм е поддржана од Јапонска Фондација, Кинотека на Северна Македонија, Центар за култура – Битола, Јапонска Амбасада.