УСС УКИМ отвори повик за студенти што ќе бидат дел од Студентскиот сервис

Економски факултет УКИМ
Економски факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) објави повик за ангажирање на студенти кои ќе бидат дел од Студентскиот сервис што наскоро ќе започне со работа.

Од УСС УКИМ појаснуваат дека кон средината на следниот месец ќе ја лансираат нивната веб-страница, на која студентите ќе можат да се информираат за работата и активностите на собранието, но и да поставуваат прашања директно до Факултетските студентски собранија.

Одговори на поставените прашања ќе даваат студентите кои ќе бидат ангажирани во овој проект. Повикот е отворен за сите студенти, а на крај ќе биде избран по еден студент од секој факултет кој е добро упатен и ја познава работата на факултетот каде студира.

„Во јануари конечно ја лансираме нашата веб страна во која покрај другото ќе има и дел токму за поставување прашања од страна на студентите. Потребен ни е по еден студент од секој факултет кој ги знае сите проблематики од неговиот факултет и еден студент кој е запознаен со прашања поврзани со генерални прашања од областа на студентскиот живот како стипендии, студентски домови, студентски субвенциониран оброк и слично“, велат од УСС УКИМ.

Студентите кои ќе бидат дел од Студентскиот сервис ќе добиват надомест од околу 3.000 денари месечно за нивната работа.

Сите студенти кои се заинтересирани за повикот е потребно да ја пополнат електронската пријава најдоцна до 31 декември.