Вселувањето почна, студентските домови ќе работат со полн капацитет

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк (септември 2021)

Започна вселувањето на студентите во државните студентски домови. Почнувајќи од денеска, во наредните десет дена оние студенти кои добиле легло во некој од студентските домови, ќе можат да се сместат со потпишување на договор со домот во кој се примени.

Годинава во студентските домови ќе важат протоколите издадени од Министерството за образование и наука, на предлог на Министерството за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести. За разлика од минатата година кога бројот на примени студенти беше преполовен, претстојната академска година ќе започне со полн капацитет на сместување, односно предвидени се вкупно 2.445 легла, од кои 1.216 легла во студентскиот дом „Гоце Делчев“, 739 во „Стив Наумов“ и 490 во „Кузман Јосифовски- Питу“.

„Вселувањето се води според протоколите кои се издадени од Министерството за образование и наука. Студентите одговорно пристапуваат кон мерките со што се избегнуваат гужви и во координација со сите вработени успешно се одвива процесот на сместување“, соопштија од Државниот студентски центар.

Според протоколите изготвени од МОН, движењето внатре во домовите е дозволено само со задолжително користење на заштитна маска и дезинфекциски средства кои се наоѓаат на влезот и во собите во секој дом. Организирана е редарска служба со цел запазување на редот. Студентите при вселувањето добиваат и флаери со совети за заштита и протокол за нивниот престој во домовите.

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк

Влезот за родителите е забранет, освен за студентите со посебни образовни потреби.

Во текот на академската година ќе се водат засилени контроли од страна на вработените во студентските домови, со цел да се избегнува групирање на студентите во заедничките простории и соби. Студентските домови годинава им обезбедуваат и средства за хигиена и одржување на собите на студентите.

Посебни протоколи се предвидени и за време на оброците во студентските мензи.

„Масите да се покриени со хартиен или најлонски чаршаф за една употреба, при што ќе се врши промена по заминувањето на секој студент. Приборот за јадење да биде складиран и послужен во најлонска или хартиена обвивка или во салфетка. Искористениот прибор покрај миењето со топла вода да биде и задолжително дезинфециран со средство за дезинфекција“, стои во Протоколот за постапување на државните студентски домови и други објекти за сместување.

Доколку во домот се појави заболен од Ковид-19 или лице кое имало контакт со друго лице заболено до Ковид-19, според протоколите, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска, а директорите треба да воспостават комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање насоки за понатамошно постапување.

Листата на студенти од втора и повисоките години примени во државните домови беше објавена во саботата.

Инаку, денес почнува аплицирањето за сместување во студентски домови за студентите од прва година. Конкурсот ќе биде отворен до 24 септември, а за бруцошите се предвидени вкупно 1.249 места. Доколку по објавувањето на конечните списоци со примени студенти во домовите останат непополнети сместувачки капацитети, пријавувањето ќе продолжи сé до пополнување на истите, но не подоцна од 15 ноември.