Речиси 8.000 потписи брои онлајн петицијата која ја покренаа студентите и во која бараат покачените стипендии што ги најави Министерството за образование и наука (МОН) да важат за сите студенти, а не само за оние кои аплицираат за првпат.
Од годинава МОН го зголеми износот на студентските стипендии, односно студентите кои ќе добијат стипендија од прва, втора, трета или четврта категорија ќе добиваат по 6.050 денари месечно, додека средствата за студентите запишани на студиски програми по хемија, физика и математика ќе изнесуваат 18.000 денари месечно.
За студентите потписници на петицијата проблематично е тоа што покачени стипендии ќе добиваат само новите апликанти, додека на постојните корисници на студентски стипендии ќе продолжат да им се исплаќаат старите суми.
„Министерството за образование и наука летово соопшти дека од оваа година студентите ќе добиваат покачени стипендии. Најавата беше пречекана со голема радост од сите студенти, но со објавувањето на конкурсот стана јасно дека покачените стипендии нема да важат за сите студенти, односно покачени стипендии ќе можат да добиваат само кандидатите кои за првпат аплицираат за државна стипендија. Студентите кои се веќе корисници на стипендија ќе продолжат да ги земаат старите (пониски) суми“, стои во петицијата.
Таму се додава дека согласно условите кои важат во моментов, новите апликанти кои ќе добијат стипендија од прва категорија ќе добиваат по 6.050 денари месечно во текот на 9 месеци во годината, додека студентите кои веќе користат стипендија од истата категорија ќе добиваат двојно пониска сума, односно околу 3.300 денари.
„Не се согласуваме со ваквиот модел на покачени стипендии. Со овие околности се врши дискриминација и истите прават поделба помеѓу студентите“, реагираат студентите потписници на петицијата.
Тие велат дека е нелогично и апсурдно стипендија од иста категорија за еден студент да биде повисока, а за друг пониска и дека е оправдан револтот кај оние студенти кои се изоставени од новините.
„Сите студенти имаат исти или слични потреби и трошоци и сите заслужуваат да добиваат еднаков третман“, реагираат студентите.
Тие сега преку петицијата бараат Министерството за образование и наука да изнајде соодветно решение, со кое, како што велат, ниту еден студент нема да биде оштетен и дискриминиран, односно бараат покачените стипендии да важат за сите, а не само за оние кандидати кои аплицираат за првпат.
Во спротивно, револтот кај студентите ќе продолжи да расте, се тврди во петицијата.
Од Министерството за образование и наука не ја коментираат онлајн петицијата на студентите, но децидни се дека корисниците на стипендии ќе продолжат да ги земаат сумите согласно договорите кои ги имаат потпишано.
„На сите актуелни корисници на студентска стипендија исплатата продолжува да им се реализира согласно одредбите од договорот кој го имаат потпишано со МОН во некоја од изминатите академски години и кој е валиден. Ова важи и за новите корисници на стипендија, односно оние кои ќе го остварат правото на стипендија преку аплицирање на новиот конкурс. И тие потпишуваат договор во кој е утврден износот и динамиката на исплата“, велат од МОН за „Мета.мк“.
Од МОН повторија дека студентите од повисоките години кои се веќе корисници на државна стипендија можат да се откажат од истата и да аплицираат за нова, повисока.
„Доколку еден студент кој веќе се стекнал со правото на стипендија во изминатите години сака да аплицира на новиот конкурс, претходно е потребно до МОН да достави изјава со која се откажува од користењето на сегашната стипендија“, велат од МОН.
Но, доколку студентите се откажат од актуелните стипендии, постои можност воопшто да не им бидат одобрени нови, бидејќи во конкурсот е предвиден одреден број на студентски стипендии во четирите категории.
Од Универзитетското студентско собрание претходно соопштија дека ќе инсистираат од идната година да се изнајде правен механизам со кој сите студенти ќе ги добиваат повисоките суми.
„За жал, оваа година се предвидени толку средства за исплата на новата квота на стипендии и од причина што ребаланс на буџет нема да има до крајот на годината, она што останува на нас е да инсистираме на предвидување на потребниот износ на средства за покривање на сите стипендисти од идната година и изнаоѓање на правен механизам за поедноставна релизација“, стои во соопштението на УСС УКИМ од минатиот месец.
Инаку, во петок завршува рокот за аплицирање за студентски стипендии, за оние студенти кои аплицираат првпат. Рокот за студентите кои ги продолжуваат своите стипендии пак, е до 30 октомври.