Од утре студентите ќе можат да аплицираат за нови студентски стипендии и да ги продолжат старите

Студентски дом Гоце Делчев
фото: Мета.мк

Од утре започнува пријавувањето за остварување на правото на студентска стипендија, согласно условите и критериумите наведени  во конкурсот за академската 2021-2022 година, информираат од Министерството за образование и наука.

Постапката за аплицирање е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што, како што велат од МОН, значително се поедноставува начинот на остварување на правото. Оние студенти кои немаат можност да аплицираат електронски ќе можат да пополнат хартиена пријава и да ја достават потребата документација во Министерството.

Конкурсот е отворен до 15 октомври.

„Инаку, МОН и Владата оваа година одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Па така, за најголем дел од категориите на студентски стипендии, месечните износи се зголемени, некаде и за над 80%“, велат од МОН.

Зголемени стипендии ќе добиваат апликантите кои аплицираат за првпат. За студентите од повисоките години кои веќе користат некоја од стипендиите, исплатата ќе продолжи според потпишаниот договор.

Од МОН потсетуваат декка утре започнува и поднесувањето на документи за продолжување на правото на стипендија, стекнато во некоја од изминатите академски години, за што секој корисник кој ги исполнува условите од договорот потпишан со МОН, доставува потврда за запишан нареден семестар, односно година на  студирање и уверение, односно потврда за предвидени и положени испити со успех од претходните години и индекс на увид, како докази дека има положени 80, односно 90 отсто од предвидените испити.

Доставата на документите се врши електронски преку http://e-uslugi.mon.gov.mk , а студентите кои немаат можност да аплицираат на овој начин ќе можат документите да ги достават хартиено до МОН. Крајниот рок за продолжување на стипендии е 30 октомври.

МОН обезбедува поддршка при аплицирањто за секој заинтересиран кандидат за студентските стипендии преку Секторот за ученички и студентски стандард, а личните контакти на вработените во овој сектор се наведени на следниов линк.