Неколку студенти добија опомена пред тужба од страна на Министерството за образование и наука (МОН) во која од нив се бара да ги вратат парите што по грешка им биле исплатени за субвенциониран студентски оброк.
И покрај тоа што апликациите на овие студенти за субвенциониран оброк претходно им биле одбиени, МОН им исплатило средства за октомври, првиот месец кога започна исплатата.
Министерството сега бара од студентите во рок од три работни дена од приемот на опомената да ги вратат погрешно исплатените износи, но и да достават копија од извршените уплати во просториите на МОН заради „финансиска евиденција“.
„Доколку во наведениот рок не ги вратите погрешно исплатените средства, Ве известуваме дека Министерството за образование и наука ќе поведе постапка за враќање на неосновано исплатени средства пред надлежен суд“, стои во документот кој го добиле студентите од МОН.
Еден од студентите, кој добил скенирана верзија од Опомената на својата електронска адреса, вели дека се нашол затечен од истата, затоа што претходно апликацијата за субвенциониран оброк му била одбиена, па не ни очекувал да му легнат средства на сметка.
„Пред два часа добив закана за тужба од Министерството за образование и наука. Накратко, аплицирав за студентски оброк, бев одбиен и сето тоа беше во ред. На 1 октомври сум добил средства во износ од 1.440 денари, и покрај тоа што сум бил одбиен. Парите сè уште стојат недопрени на сметка, бидејќи не ни знаев дека ми ги уплатиле. Попладнево добив мејл дека доколку не ги вратам за три дена, ќе се поведе постапка против мене на суд“, објаснува еден од затечените студенти, кој сакаше да остане анонимен.
Студентот вели дека не е спорно тоа што парите исплатени по грешка треба да ги врати на државата, туку е несоодветен начинот на кој МОН, без претходно известување или контакт, директно се заканува со тужба. Додава дека, по консултации со правно лице, одлучил случајот да го пријави во Државниот управен инспекторат, затоа што МОН постапило спротиво од протоколите, односно не го известило за настанатата грешка пред да се закани со тужба.
„Што ако бев во изолација или пак надвор од државата и не можев да ги вратам парите во следниве три дена? И ако немаше кој да однесе уплатница наместо мене? Срамота“, реагира друг студент кој добил опомена пред тужба.
„Мета“ упати прашања до Министерството за обрзование и наука за причината за згрешените исплати, како и за бројот на студенти кои по грешка добиле средства за субвенциониран оброк.
Од таму велат дека при административна проверка утврдиле дека 27 студенти не ги исполнувале условите за студентски оброк. Наместо „Опомена пред тужба“ како што стои во документот, од МОН велат дека испратиле „известување за повраток на средствата“.
„Сите студенти кои досега ги имаат исполнето условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк веќе ги добија средствата на своите сметки, а тоа се 18.105 студенти. Додека, на 27 студенти кои при административната проверка се утврдило дека не ги исполниле условите им се доставени известувања за повраток на средствата“, велат од Министерството за образование и наука.
Претходно, поради системска грешка, стотици студенти добија погрешно известување дека им престанува правото на субвенцониран студентски оброк.