УКИМ „падна“ за 27 места на листата на најдобри универзитети во светот

Фото: Бјанка Станковиќ

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се најде на 1.944 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2021/2022 година, која ја издава Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

И годинава УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата, со вкупно 65,9 бодови од можни 100. Сепак, најголемиот универзитет во државата бележи пад од 27 места во однос на рангирањето од минатата година (1.917 место), и од 128 места во однос на рангирањето за академската 2019/2020 година (1.814).

Годинава, според академскитe перформанси биле рангирани вкупно 19.788 високообразовни институции во целиот свет, од кои беа издвоени најдобрите 2.000.

Од соседните земји, Србија на листата има 4 претставници, меѓу кои највисоко рангиран е Белградскиот универзитет на 348 место. Од Бугарија на ранг листата се најдоа два универзитети, а од Грција 12. На листата на најдобри 2.000 универзитети годинава не се најде ниту една високообразовна установа од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

И оваа академска година, на првите три места се најдоа универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд од САД.

Центарот за рангирање на светските универзитети го објавува единственото академско рангирање на универзитетите на глобално ниво, при што ги проценува квалитетот на образованието, вработувањето на алумни, квалитетот на факултетите и истражувачките резултати според вкупниот број на истражувачки трудови, без да се потпира на анкети или податоци поднесени од самите универзитети.