Стотици студенти известени дека им е укинат студентскиот оброк, од МОН смируваат дека ќе нема оштетени

Нови незгоди околу исплатата на субвенционираниот студентски оброк. Најмалку 500 студенти на социјалните мрежи реагираа дека добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН) во кое пишува дека од денес им се укинува правото на студентски оброк, мерка која претходниот месец им беше одобрена.

Информацијата за укинувањето на оброкот студентите ја добиле на своите електронски адреси, каде МОН ги известува дека им престанува правото на средства за оброк, без да ја образложи конкретната причина за одлуката.

„Комисијата за остварување на правото на субвенциониран оброк во Република Северна Македонија, за редовни студенти запишани на додипломски студии на државните и приватните универзитети во Република Северна Македонија во студиската 2021/2022 година, формирана од министерката за образование и наука, изврши проверка во податоците добиени од страна на Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и утврди дека кандидатот не ги исполнува условите предвидени во Законот за субвенциониран студентски оброк и на истиот му се прекинува правото на субвенциониран студентски оброк од 01.10.2021 година“, стои во известувањето од МОН испратено до студентите.

„Има оброк-нема оброк“

Она што дополнително ги збуни студентите и за што реагираа до платформата „Студентарија“ на Инстаграм, е што и покрај добиеното известување дека почнувајќи од октомври повеќе нема да добиваат средства за оброк, во текот на денот на своите сметки добиле 2.400 денари од страна на Министерството за образование и наука, средства наменети за студентски оброк за изминатиот месец.

„Утрово ми стигна известување на мејл во кое МОН ми соопшти дека од 1 октомври ми се укинува правото на студентски оброк, но после три часа на сметка ми легнаа 2.400 денари за студентски оброк“, пишува една од збунетите студентки.

Апликации од една корисничка сметка за повеќе студенти, е причината за непријатностите

За целиот случај „Мета.мк“ се обрати до Министерството за образование и наука, од каде објаснија како дошло до тоа толку многу студенти да го добијат мејлот со информација дека им се укинува студентскиот оброк.

Како што појаснуваат од Одделението за студентски стандард во МОН, проблемот настанал затоа што неколку студенти, од своите корниснички сметки во системот за аплицирање за студентски оброк, испратиле апликации за повеќе лица – нивни колеги или другари. Во еден ваков случај, информацијата за студентот на кој му се укинува студентскиот оброк стигнала на адреса на другиот студент, и покрај тоа што студентот кој ја поседува елекронската адреса ги исполнува условите за мерката.

„Еден студент има аплицирано повеќе пати, во некои случаи и за десет луѓе, од истото корисничко име и лозинка. Од сите десет студенти може на едниот да му биде прифатена апликацијата, а на останатите кои аплицирале од истиот мејл со истата адреса да им биде одбиена, па забелешката е пуштена на адресата кај студентот од чија адреса е аплицирано, зашто сите аплицирале од истиот мејл“, објаснуваат од Одделението за студентски стандард.

Одлуката да им се укине оброкот на некои студенти, пак, е донесена поради тоа што според податоците кои МОН ги добил од Управата за јавни приходи и факултетите низ земјава, тие студенти повеќе не ги исполнуваат условите за добивање средства за здрави оброци, од повеќе причини – едни имале примања повисоки од минималната плата, други од редовни се префрлиле на вонредни студенти, а трети се вработиле.

Студентите кои го добиле мејлот, а кои ги исполнуваат условите за субвенциониран оброк, за да бидат сигурни можат да испратат приговор на истата електронска адреса од која ја добиле информацијата за укинувањето на оброкот и да побараат образложение дали и зошто мерката повеќе не им следува.

На дел од студентите кои го добија спорниот мејл од МОН, попладнево им беше испратена уште една порака во која пишува дека „поради системска грешка беше пратена погрешна информација за прекин на правото на субвенциониран оброк“ и истата информација да не ја земаат предвид.

Сите студенти кои ги исполнуваат условите ќе добиваат средства за субвенциониран оброк

Од МОН ја признаваат настанатата грешка, но уверуваат дека работат на разрешување на ситуацијата и тврдат дека секој студент кој ги исполнува условите, ќе продолжи на својата сметка да добива средства за оброк. Додаваат дека телефоните во Министерството не престанувале да звонат цел ден, поради повиците од збунетите студенти.

„Сè е во ред. Нема да има никакви проблеми. Сите студенти на кои им следува студентски оброк ќе бидат исплатени, да не се грижат“, смируваат од Одделението за студентски стандард во МОН.

Министерството за образование и наука од годинава најави воведување на мерката субвенциониран студентски оброк со кој на студентите треба да им се исплаќаат по 2.400 денари месечно, средства наменети за здрави оброци.

Почнувајќи од денес, па во текот на наредните денови, студентите на кои им е одобрен студентски оброк во рамки на првиот рок, ќе ги добиваат средствата за месец октомври.

Вчера заврши вториот рок за аплицирање за студентски оброк, на кој можеа да се пријават бруцошите и оние студенти кои беа одбиени во рамки на првиот рок. Резултатите од аплицирањето во вториот рок ќе се знаат кон средината на ноември.