Од годинава студентите и учениците ќе добиваат зголемени стипендии

Царовска на средба со ученици и студенти
фото: Министерство за образование и наука

Социјалните стипендии за студентите ќе се зголемат двојно, односно од 3.000 денари на 6.050 денари месечно, додека ученичките кои се движеа од 2.000 до 2.970 денари, се зголемуваат во просек за 11 отсто и сега ќе изнесуваат 3.500 денари месечно. Ова го соопшти министерката за образование Мила Царовска на денешната средба со ученици и студенти.

Студентите на природните науки – хемија, физика и математика, пак, ќе добиваат стипендии во висина од 18.000 денари поради тоа што овие кадри се дефицитарни.

Царовска соопшти и дека по десет години, повторно ќе бидат стипендирани и студентите кои се запишани на магистерски и докторски студии на факултетите во земјава. Таа додаде дека за првпат има враќање на стипендирањето на втор и трет циклус на студии во државата, бидејќи досега овие стипендии оделе надвор од државата што создавало одлив на младите мозоци.

„Десет месеци интензивно работиме преку „Млади МОН“ да постигнеме политики кои ќе бидат во интерес на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. На тој начин вложуваме во младите, а за секоја држава најисплатлива инвестиција е онаа во децата и во младите затоа што тие ја креираат понатаму нашата иднина на која сите треба да се надеваме да биде подбра“, истакна Царовска.

Стипендијата за втор циклус студии ќе изнесува 9.000 денари, а за третиот 18.000 денари.

Одлуката беше поздравена од страна на претседателите на Универзитетските студентски собранија на УКИМ и  Универзитетот на ЈИЕ – Ева Цветковска и Агрон Демири, како и од претседателот на Средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ.

Претседателката на УСС УКИМ, Цветковска, рече дека со ова се реализираат нивните заложби за зголемување на стипендиите.

„Овие барања произлегуваат од декларацијата „Млади, образование и иднина“ која ја потпишавме на 12 јули 2020 година, напишана од студентските собранија и потпишана од шест политички партии. УСС УКИМ континуирано инсистираше на реализација на декларативните барања.  Со поднесување до телото „Млади МОН“ за дуплирање на социјалниата стипендија,  воведување стипендии за втор и трет циклус студии и за дефицитарните области, денеска конечно можеме да кажеме дека оваа идеја е реализација“, рече Цветковска.

Од Министерството за образование и наука соопштија дека за сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и сите заинтересирани ученици и студенти навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право.

Корисниците на правото на ученичка стипендија можат да го продолжат истото со доставување на потребните документи до МОН во периодот од 1 до 30 септември годинава, додека студентите кои го остваруваат правото за продолжување на студентска стипендија, треба да ги достават документите од 1 до 31 октомври.