Незадоволен академски кадар, несоодветни услови за работа – главни проблеми во високото образование

фото: Независен академски синдикат (НАкС)

Податоците од споредбата на различните сегменти од образовниот процес, пред и во услови на пандемија, покажуваат значителен пад на квалитетот на наставата во речиси сите аспекти во услови на пандемија.

Да се преземат сите расположливи мерки за враќање на состојбите кои значат реализирање на настава со физичко присуство, а доколку одредени факултети бараат да продолжат да работат онлајн, да се одреди минимум 50 до 60 проценти настава со физичко присуство, е препораката во документот за јавни политики насловен „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“.

Документот кој беше презентиран денеска, е изработен во рамки на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ од страна на експертскиот тим на Независниот академски синдикат (НАкС). Негови автори се професорите Петар Атанасов, Бојана Наумовска и доц. д-р Јован Близнаковски.

Во рамки на истражувачкиот проект биле спроведени повеќе аналитички и истражувачки активности, а темите што биле истражувани ги опфаќаат поважните аспекти на високото образование и научната дејност. Од академскиот кадар биле анкетирани 400 професори и асистенти од факултетите и 51 професор од научните институти и јавните научни установи од четири државни и еден приватен универзитет.

Најголем дел од потребната литература си ја обезбедуваат самите професори

Како што се заклучува во документот, согласно резултатите од истражувањето, нашиот академски кадар доста време посветува на научноистражувачката работа и настава, односно на предавања, вежби и консултации, а помалку на административна работа. Мнозинство од професорите и асистентите кои предаваат на студии од прв циклус работат со групи до 30 студенти по еден предмет, а една третина најчесто работи и со поголеми групи до 100 студенти.

Во однос на достапноста до стручната литература, најмалку издвојувања се бележат кај државата, потоа од страна на универзитетите и единиците, по што се заклучува дека најголем дел од потребната литература целосно си обезбедуваат самите професори – 69,2 отсто.

Состојбата со финансирањето на научните, апликативните и уметничките проекти од страна на државата и приватниот сектор и понатаму останува лоша. Поразителен е податокот дека 77,9 отсто од академскиот кадар од уметничките дејности во последните 5 години не реализирале ниту еден уметнички проект, па затоа потребни се многу поголеми вложувања и соодветна посветеност од страна на државата.

Според истражувањето на НАкС, едно од најважните прашања на кое треба континуирано да му се посветува најголемо внимание е грижата за изградба на младиот наставен и научен кадар – нивното вработување, усовршување, напредување, финансирање на нивните истражувања, поддршка за објава на нивните трудови, како и нивна промоција.

Согласно добиените резултати од сите истражувачки активности, гледано од аспект на подобрување на квалитетот на наставата, беа издвоени неколку заклучоци и конкретни предлози.

Така, во документот се заклучува дека не постои континуирано финансирање на нови работни места и дека згаснувањето на работно место со заминување на еден професор во пензија резултира со преоптовареност на постојниот кадар, а со тоа и намалување на квалитетот на наставата во високото образование.

Предлогот на НАкС е дека со заминувањето во пензија на еден професор, не треба да згасне неговото работно место, и МОН да продолжи да финансира определено работно место веднаш по стапување на должност на новиот наставник кој ќе го наследи колегата што заминал во пензија.

Големи буџети за стипендирање во странство, а притоа воопшто не се стипендира домашното образование

НАкС заклучува дека во Министерството за образование и наука (МОН) подолг временски период се издвојуваат големи буџети за стипендирање во странство на сите три циклуси на студии, а притоа воопшто не се стипендира домашното образование. Како резултат на ова, од државата си заминуваат голем број млади луѓе.

НАкС предлага да се воведат стипендии за втор и трет циклус на студии за талентираните студенти во сите области, како и обезбедување на целосни стипендии за младиот научноистражувачки кадар вработен на универзитетите.

фото: Независен академски синдикат (НАкС)

Незадоволни кадри, несоодветни услови за работа – платите да се воедначат со оние од регионот

Условите за работа се означени како несоодветни и недоволни, а во голем дел недостасува и специфичната опрема за наставата, па затоа е потребно обезбедување на сите основни услови за одвивање на наставата.

Понтаму, кадарот во високото образование воопшто не е задоволен ниту од издвојувањата за нивните плати од страна на државата, па се препорачува воедначување на платите на македонскиот академски кадар со платите на академскиот кадар во државите од регионот.

НАкС предлага да се преземат сите расположливи мерки за враќање на состојбите кои значат реализирање на настава со физичко присуство, затоа што податоците од споредбата на различните сегменти од високообразовниот процес, пред, и во услови на пандемија, покажале значителен пад на квалиттот на наставата во услови на пандемија.

Несоодветни се и издвојувањата од страна на државата за наука. Пристапот до соодветна стручна литература и учеството на конференциите во најголем дел се на товар на академскиот кадар. Затоа, НАкС предлага задолжително финансирање на научноистражувачката работа од страна на МОН и Владата и основање фонд за финансирање на научноистражувачката работа од страна на стопанството.

Во рамки на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од НАкС се изработени три документи за јавни политики. Покрај документот кој беше претставен денес, првиот документ насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ имаше промоција во четврток, додека документот „Присуство во јавноста на акдемскиот кадар и високообразовните установи и нивното влијание во заедницата“ ќе биде промовиран во сабота, на 27 ноември. Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија, а спроведен од страна на експертскиот тим на НАкС.