Универзитетите задоволни од оваа aкадемска година, успехот на следната ќе зависи од имунизацијата на студентите и професорите

Учење од далечина
фото: Dylan Ferreira на Unsplash

Првиот академски час на државните универзитети минатиот октомври започна во неизвесност, но академската 2020/2021 година на крај заврши успешно. За првпат во историјата на македонските универзитети поголем дел од академскиот кадар и студентите една цела академска година поминаа дома, одржувајќи ги предавањата и испитите преку средства за далечинско учење.

Новите корона услови ја ставија на тест подготвеноста на образовниот систем и сите вклучени актери во него за вонредни и непредвидливи ситуации. Наставата и проверката на знаењата преку колоквиуми и испити во новите околности на студирање ги изнесоа на виделина и проблемите со кои студентите и нивните наставници се соочуваа и пред појавата на ковид-19. Секој универзитет различно одговори на кризата, но генералниот впечаток на крајот на академската година е дека факултетите успешно ги премостија незавидните околности во кои се најде високото образование.

Дигитализацијата се наметна како потреба, но може да помогне во зголемување на квалитетот на наставата

Пандемијата нè принуди наеднаш да го смениме начинот на функционирање во сите сфери на нашето живеење, а од тоа не беше поштеден ниту образовниот процес на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, вели проф. д-р Христина Спасевска, проректор за настава на УКИМ.

„Моравме за многу кратко време, користејќи ги алатките за учење на далечина, да се прилагодиме за спроведување на наставата, на начин што малку го користевме пред тоа. Голем број од нашите факултети имаат вежби и практична настава за кои е потребно физичко присуство. Оваа година се трудевме, таму каде што е можно, кога пандемијата се намалуваше, студентите во мали групи да бидат присутни на факултетите. Но најголем дел од наставата се одвиваше по електронски пат, со видеоконференции и со дополнително снимени материјали, кои требаше да овозможат полесно совладување на градивото“, вели Спасевска.

Изминатава година најмногу недостасувале теренската и практичната работа во компаниите, меѓународната размена, како и културните и спортските активности, што се исто така дел од студентскиот живот. Новиот начин на учење бил голем предизвик и за студентите и за наставниците.

Проф. д-р Христина Спасевска / фото: УКИМ
Проф. д-р Христина Спасевска, проректор за настава на УКИМ / фото: УКИМ

„Стекнавме искуство како заеднички да работиме на далечина, свесни дека нема замена за директниот контакт и соработката помеѓу нас, што треба да биде воспоставена во текот на предавањата и вежбите. Тоа е особено значајно при оценувањето на студентите, затоа што најреални резултати се постигнуваат кога тие се физички присутни“, додава Спасевска.

Сепак, наставата од далечина во време на пандемија ги истакнала и своите предности, затоа што преку неа се овозможило гостување на голем број еминентни предавачи од земјава и странство, кои инаку потешко би ги имале физички присутни.

„Едноставно, дигитализацијата како концепт во наставниот процес се наметна по потреба, но очекувам дека во иднина ќе ни помогне да го зголемиме квалитетот на наставата со враќањето во нашите предавални и лаборатории“, истакнува Спасевска.

Од самиот почеток на пандемијата со ковид-19 и битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ навремено се прилагоди кон новонастанатата ситуација кога го преобрази и начинот на функционирање и одвивање на наставата, вели проректорот за настава на УКЛО, проф. д-р Љупче Кочоски.

„УКЛО со брза реакција премина од традиционалниот начин на одржување настава кон организација и реализација на наставните програми со користење на напредна компјутерска технологија. Беше изработена Стратегија на УКЛО за реализација на наставно-образовниот процес во услови на пандемија со Ковид-19 за академска 2020/2021, со што се обезбеди правно регулирање на наставнообразовниот процес на Универзитетот“, вели Кочоски.

Стратегијата на УКЛО понудила три добро разработени концепти во функција на опциите за реализација на наставно-образовниот процес со физичко присуство, преку настава на далечина и преку хибридниот модел, кој особено се користел во делот на вежбите, практичната настава, испитите и колоквиумите.

Проф. д-р Љупче Кочоски / фото: УКЛО
Проф. д-р Љупче Кочоски / фото: УКЛО

„Оценуваме дека на овој начин, со демонстрираниот проактивен пристап успеавме многу успешно да ги премостиме непредвидливите ситуации и да изнајдеме најсоодветни решенија за сите субјекти што го сочинуваат, што се дел од Универзитетот почнувајќи од студентите, академските и истражувачките кадри. Мора да се истакне дека во видоизменетиот начин на функционирање УКЛО имаше посебен слух за студентските иницијативи кои најдоа свое место во разработените концепти за реализација на наставно-образовниот процес“, истакнува Кочоски.

 

Како ќе се одвива наставата од октомври зависи од тоа колку студенти и наставници ќе бидат вакцинирани

Плановите на Владата за одвивање на наставата според протоколи за физичко присуство не ги одминува ниту универзитетите. Во согласност со универзитетската автономија, а во координација со МОН и во согласност со епидемиолошките прилики, секој универзитет сам ќе носи одлука за враќање кон традиционалниот систем – посакуваното образование со физичко присуство.

Продеканот за настава на УКИМ вели дека следејќи го искуството од изминатите три семестри, првиот Универзитет во државата е целосно подготвен за спроведување на наставата во наредната академска година.

„Се надевам дека пандемијата ќе стивне и ќе можеме да се вратиме на нашите предавални и амфитеатри. Но, будно ќе ги следиме препораките од државните институции и ќе се прилагодиме на секоја новонастаната состојба. Како ќе се одвива наставата, во голема мера зависи дали поголемиот број од наставниците и студентите ќе бидат вакцинирани до почетокот на октомври“, вели Спасевска.

Од октомври УКИМ ќе воведе интегрирана дигитална платформа за учење на сите негови единици, што ќе има за цел спроведување на поквалитетен наставен процес, независно од тоа дали студентите ќе работат од дома или ќе бидат присутни на факултетите.

„Дигиталната платформа целосно е воспоставена од наставници и асистенти на нашиот универзитет, што уште еднаш го покажува нашиот капацитет и посветеноста за размена на современи алатки во учењето“, тврди Спасевска.

И проректорот на УКЛО е согласен дека враќањето на студентите во аулите и амфитеатрите зависи од нивно вклучување во масовната имунизација.

„По иницијатива на МОН, на УКЛО се ажурирани списоци за вакцинација на сите што досега по друг основ не биле опфатени со овој процес на заштита. Како универзитет, се подготвуваме и за второто сценарио. Доколку има потреба од онлајн настава ќе ги активираме веќе аплицираните одржливи и квалитетни решенија од нашата стратегија. УКЛО презеде активности во новите студиски програми пред нивниот процес на акредитација/реакредитација, наставниците во курикулумите да ги предвидат и можностите за онлајн или хибридно учење со користење на бенефитите на современата технологија и моќните платформи на опцијата електронско учење“, вели Кочоски.

Универзитетите се надеваат дека во новата акдемска година ќе се вратат кон редовно функционирање и реализација на наставно-образовниот процес во нормални услови, со традиционалниот начин на одржување настава со физичко присуство на студентите во предавалните и амфитеатрите, како нивно природно место.