Студентите и дипломираните семејнолози преку онлајн петиција бараат да бидат вметнати во Законот за социјална заштита

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Дипломираните семејнолози од Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на УКИМ со години се соочуваат со проблеми при вработување во јавните установи за социјална заштита. За разлика од нивните колеги – психолози, педагози, логопеди и воспитувачи, профилот семејнолог отсуствува во Законот за социјална заштита, каде што се наведени категориите на работни места на вработените во државните институции.

Дипломираните и тековните студенти од овој институт велат дека иако семејнолозите и стручњаците по родова проблематика се предвидени како кадри во установите за социјална заштита, сепак не се споменати во членот 197 каде што се регулира статусот за профилите што можат да бидат вработени во државните институции.

Тие сега преку онлајн петиција бараат поддршка од јавноста за да се променат членовите од законот и семејнолозите да бидат вклучени заседно со другите сродни професии кога станува збор за нивно вработување.

Студентите бараат да се исполнат ветувањата кои им биле дадени на првиот академски час, кога им било кажано дека нивната професија нуди многу можности за работа и напредок.

„На институтот се запишавме со голема мотивација и надеж дека по завршувањето ќе се оствариме како семејнолози. Бевме сигурни дека ќе бидеме вреднувани како и другите стручни профили како што е наведено и во Законот за социјална заштита. Во ченот 194 ние сме предвидени како стручни соработници со високо образование, но ние бараме да бидеме дополнети во членот 197 каде што се регулира статусот за профили кои можат да бидат вработени во јавните установи за социјална заштита. На овој начин директно се прекршуваат правата на дипломираните студенти на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет“, реагираат дипломираните семејнолози од Институтот за семејни студии.

Тие своите барања прво ги упатиле до Министерството за образование и наука, од каде не добиле никаков одговор. Од Министерството за труд и социјална политика, пак, им рекле дека не прифаќаат дополнување на законот.

Студентите велат дека добиваат целосна поддршка и од професорите, кои исто така испратиле свои писма со барања до надлежните министерства.

Онлајн петицијата досега собрала околу 1.000 потписи. Студентите од Филозофскиот факултет се надеваат дека преку неа ќе добијат поголема поддршка од јавноста и велат дека по собирањето на доволен број потписи повторно ќе испратат барање до засегнатите министерства со доказ дека луѓето ја поддржуваат и ја препознаваат потребата од семејнолозите во општеството.

Петицијата може да се најде и потпише на овој линк.