ФЕИТ во процес на меѓународна акредитација на своите студиски програми

Фото: Фејсбук-страница на ФЕИТ

Тим од експерти и професори од германската агенција за акредитација по инженерство, компјутерски науки, природни науки и математика ASIIN вршат акредитација на студиските програми на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). При дводневната посета, експертите ќе ги акредитираат трите програмите од областа електро-енергетика и четирите студиски програми од областа компјутерско инженерство.

При посетата, тимот експерти ќе направи средби со раководството на Универзитетот, деканатот на ФЕИТ, со професорите кои предаваат на студиските програми, со студентите и претставници на индустријата а ќе изврши и посета на лабораториите и училниците со кои располага Факултетот.

Фокусот на посетата ќе биде оценување на студиските програми, од самата структура до начинот на изведување на наставата, спроведување на испитите, проектните активности и дипломските работи, ресурсите со кои располага Факултетот, системот за управување со квалитет, транспарентноста во работата, еднаквите можности за сите, вработливоста на дипломираните студенти и соработката со општеството.

Деканот на ФЕИТ, професор Димитар Ташковски објаснува дека Факултетот, првично, прави извештај за самоевалуација кој го доставува до агенцијата ASSIN и потоа, експертите доаѓаат на терен за да го потврдат доставениот извештај.

„ASIIN е една од двете светски познати агенции за акредитација за студиски програми од областа на инженерството. Втората е ABET и е актуелна во САД. Испитување на односите помеѓу расположливите ресурси, внатрешните механизми за обезбедување квалитет и структурата на студиската програма, како и резултатите од истата (знаењето, вештините и компетенциите на студентите) се основните барања за меѓународна акредитација според концептот на ASIIN. Ние веруваме дека ФЕИТ ги задоволува овие барања и преку оваа акредитација сакаме да го потврдиме меѓународниот квалитет на нашите студиски програми што ќе биде мотив и за понатамошен развој на Факултетот и на студиските програми. Според она што го знаеме ова е прва меѓународна акредитација на студиски програми во Македонија“, вели Ташковски.

Во тимот на ASIIN кои се во посета на ФЕИТ учествуваат 10 универзитетски професори, професори на универзитети за применети науки, претставници на индустријата и студенти, како и двајца претставници на ASIIN, меѓу кои и извршниот директор.