МОН доделува стипендии за постдипломците и за првпат стипендира 15 докторанти

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука за првпат објави конкурс за доделување стипендии за докторски студии во земјава. Откако беа укинати пред 10 години, повторно е објавен и конкурс за стипендии за студенти на постдипломски студии.

Од МОН соопштуваат дека согласно направената измена на програмата за научно-истражувачка дејност, од претстојната академска 2021-2022 година се воведуваат 50 стипендии за студии од втор циклус од научно подрачје природно-математички науки и технички технолошки науки, со месечна стипендија од 9.000 денари за девет месеци во годината.

За првпат се воведени 15 стипендии во износ од 18.000 денари месечно за 12 месеци во текот на академската година за студии од трет циклус во државата.

Од МОН велат дека со овие конкурси ја обезбедуваат поддршката што младите ја побарале од нив и од Владата за економско олеснување на оние кои одлучуваат да продолжат на втор или трет циклус на студии на домашните високообразовни установи.

Постапката за аплицирање е преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk . Оние кандидати кои немаат можност да аплицираат електронски, ќе можат да пополнат хартиена пријава и да ја достават потребната документација во Министерството за образование и наука.

Сите информации за потребната документација и роковите за пријавување можат да се најдат на следните линкови за конкурсите за стипендии од втор и од трет циклус.

МОН од годинава воведе неколку нови категории на стипендии, а воедно ги зголеми и месечните износи на дел од постојните кои досега се доделуваа.