Железница со 6,3 милиони евра од буџет во 2022 ќе покрива загуби, студентите ги чекаат бесплатните билети

Foto: Borče Popovski
Фото: Архива на „Мета“

Во Предлог-државниот буџет за 2022 година, којшто во моментов се наоѓа на комисиска расправа во Собранието на РСМ, се наменети 390 милиони денари (околу 6,3 милиони евра) како државни субвенции за надоместување на услугите од јавниот интерес во железничкиот превоз на патници.

Со овие средства догодина ќе се покриваат загубите што ги прави државното претпријатие Железници на РСМ-Транспорт во сообраќањето на возовите во патничкиот железнички сообраќај. Доделените средства се речиси идентични со изминативе години, а се наменети првенствено за финансирање на бесплатните патувања со воз на различни категории на патници – студенти, средношколци, млади до 27 години и пензионери.

Но, втора година по ред се провлекува доделувањето субвенции на Железници на РСМ-Транспорт, без притоа во реалноста да функционираат бесплатните билети за патување со воз. Ваквите поволности беа укинати со почетокот на ковид-19 пандемијата во март 2020 година. Во меѓувреме, патничките возови сообраќаат полупразни, додека во третиот квартал од годинава биле превезени само 66.000 патници, што е помалку и од периодот јули-септември 2020 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Прекинот на бесплатните билети со воз најмногу ги погодува студентите, бидејќи на најголем дел од универзитетите во земјава е воведена комбинирана настава во текот на зимскиов семестар од академската година со одржување на вежби со физичко присуство, но дел од факултетите и целосно имаат настава со физичко присуство. Ова значи дека мобилноста на студентите е многу поголема во споредба со лани, кога тие следеа онлајн настава, а тие се приморани да плаќаат билети.

Од Железници на РСМ-Транспорт Мета.мк не доби одговор на прашањата кога ќе бидат повторно воведени бесплатните билети за патување со воз за студентите и средношколците. И од Министерството за транспорт и врски досега не објавиле детали во јавноста за тоа кога би можело повторно да се воведе ваквата поволност.

Мета.мк минатата недела разговараше со претставници на Универзитетските студентски собранија (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД), коишто сакаат бесплатните билети за воз да им се вратат на студентите.

За разлика од другите категории на граѓани коишто претходно користеа бесплатни билети, студентите и средношколците се единствените приморани да патуваат на факултет или школо. Дополнително, за да ја задржат државната квота за студирање, на студентите им е оневозможено да работат во текот на образованието.

Претседателката на УСС на УКИМ Ева Цветковска ни изјави дека студентите се наоѓаат во незавидна финансиска состојба, така што тие предлагаат со повторното воведување на бесплатните билети со воз, 4-те бесплатни четвртоци во текот на еден месец да се распределат во 2 дополнителни викенди кои до сега не биле бесплатни, односно студентите да добијат право на бесплатен превоз со воз секој викенд во месецот.

„На 12-ти јули 2021 одржавме состанок со Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, каде го презентиравме нашето барање и ја образложивме нашата идеја, но за жал одговорот беше дека за годината 2021 ребалансот на буџетот е веќе одминат, но дека ќе не имаат во предвид при изготвувањето на буџетот за 2022“, ни посочи претседателката Ева Цветковска.

За студентските лидери е неразумно и апсурдно да се отворени дискотеките во земјава, додека студентите да не можат да го остварат правото на бесплатен превоз со воз, под изговор на корона вирусот.

Пред март 2020 година, сите млади лица до 27 години имаа право на користење на бесплатни железнички билети за патување со патничките возови на било која дестинација, и тоа секој прв и трет викенд во месецот. Дополнително, студентите имаа право на бесплатно патување со воз секој четврток, додека учениците од средните училишта во земјава можеа бесплатно да патуваат со воз секоја среда.