Истражување на НАкС: Студентите бараат практична настава на факултетите

Фото: Независен академски синдикат

Студентите се задоволни од квалитетот на високото образование во делот на теоретската настава, но и сметаат дека значително треба да се унапреди застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и наставните програми и инфраструктурните услови за спроведување ваква настава. Ова го покажа истражувањето спроведено во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од Независниот академски синдикат (НАкС).

НАкС денеска организираше јавна презентација на документот за јавни политики „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“, којшто е изработен од авторите проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Мира Беќар и Борјан Ефтимов.

Во документот се предложени решенија, кои се очекува да овозможат унапредување на квалитетот на високото образование. Тие се разгледуваат во три области:

  • Квалитет на студиите и на образовниот процес во целост,
  • Учество на студентите во процесот на донесување одлуки каде се разгледуваат прашањата за учеството во органите на управување и системот на финансирање на студентските активности и
  • Евалуацијата како систем за обезбедување квалитет на национално ниво и на ниво на високообразовни установи.

Истражувањето покажало дека студентите сметаат оти нивното влијание за подобрувањето на содржините на студиските и на предметните програми, начинот на изведувањето на наставата и севкупното функционирање на високообразованите установи е крајно ограничено. Ова особено се однесува на третманот на резултатите од самоевалуациите – анкетите, кои се задолжителна обврска за студентите, но имаат различен третман од страна на установите.

Истовремено, студентите во истражувањето посочиле дека достапноста на наставниците и соработниците за комуникација и консултации со студентите не е секогаш соодветна на потребите. Се случува, според изјавите на студентите, наставници и соработници да не овозможуваат консултации надвор од часовите за настава. Исто така, треба да се унапреди пристапот до современа литература во сите области.

Во документот се нудат предлози што би требало да ги подобрат состојбите, онака како што тие се согледани од страна на студентите во македонскиот високообразовен простор. Притоа, се забележува дека дел од состојбите се резултат на незаокружената правна рамка на високото образование.

Имено, иако Законот за високото образование е стапен во сила пред повеќе од три години, а роковите за основање на државните органи и тела истекоа пред повеќе од две, како и нивните шестмесечни периоди за креирање на правната рамка, се констатира дека во уредувањето на одредени клучни прашања за обезбедување на квалитетот недостасуваат подзаконски акти. Притоа се предлага тие, поради нивното значење, да бидат донесени со учество на пошироката стручна јавност.

Следно важно, а нерешено прашање, е и системот на финансирање на високото образование. Според студентите на државните универзитети, државата треба да ја преземе и доследно да ја реализира обврската за унапредување на инфраструктурата и создавање просторни можности и ресурси за непречено одвивање на високообразовниот процес.

Во поглед на универзитетите/факултетите, од студентите се потенцира важноста на создавање студиски и предметни програми што ќе овозможат соодветен развој на вештини, преку практична настава и работа, а со цел да се унапредат компетентноста и компетитивноста на студентите на пазарот на трудот.

Исто така, студентите укажуваат на неопходноста на донесување законска рамка што ќе овозможи зајакната положба на студентите во процесите на донесување одлуки. Се даваат и предлози за унапредување на системот на работа на административно-стручните служби и особено за дигитализација на административното работење. Се предлага и значително унапредување на системот за (само)евалуација и вреднувањето на значењето на студентските анкети и искористување на резултатите како основа за подобрување на работата на високообразовните установи и зголемување на квалитетот на високото образование.

Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија, а спроведен од страна на експертскиот тим на НАкС.