!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Јункер и Меј следната недела во Лондон ќе разговараат за подготовките за Брексит


Брисел, 20 април, 2017 - 20:37 (META) 

Претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, в среда ќе отпатува за Лондон, на разговори со премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, околу подготовките за преговорите за излегувањето на земјата од Европската Унија (Брексит).

Портпаролката на ЕК, Мина Андреева, денеска соопштила дека заедно со Јункер во Лондон ќе отпатува и главниот преговарач на ЕУ за Брексит, Мишел Барние. Таа додала дека станува збор за посета на покана на британската премиерка.

Јункер вчера изјави дека преговорите за излегување на Британија од ЕУ ќе почнат по предвремените парламентарни избори во Велика Британија, закажани за 8 јуни.

Прашана за коментар на пишувањата во медиумите дека Меј ќе ја укине слободата на движење на граѓаните на ЕУ во Велика Британија пред изборите, Андреева го повторила ставот на Брисел дека човековите права мора да се почитуваат и дека никој не треба да ги користи како адут во преговорите.

„Сакаме повторно да ги увериме граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија, како и британските државјани во ЕУ, дека нивните права и понатаму ќе се почитуваат без дискриминација, како и тоа дека ова ќе биде многу важно прашање во преговорите, кога тие ќе почнат“, истакнала портпаролката на ЕК, пренесуваат агенциите.


Карл Билт денеска е во Скопје


Скопје, 17 април, 2017 - 12:58 (META) 

Поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, преку својот твитер-профил најави дека денеска ќе дојде во Скопје. Иако нема објавено детали за посетата, тој на својот твитер-профил исто така напиша: „Нема изгледи за крај на уставната криза во Скопје. Разликите во ставовите помеѓу политичките партии се се подлабоки. Ситуацијата е мошне сериозна.“

Неофицијално, Билт ќе се сретне со лидерите на политичките партии за да даде свои препораки за излез од политичката криза.

Билт пред повеќе од еден месец, исто така преку својот твитер-профил, праша дали Европската народна партија (ЕПП) ќе реагира на политичката криза во Македонија, споделувајќи анализа за политичката ситуација во државата.

„Македонската владејачка партија си игра со оган во регион со сè поголема нестабилност. Дали ЕПП ќе реагира?“, праша Билт.


Иванов ќе го прими Туск в понеделник


Скопје, 30 март, 2017 - 14:11 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во понеделник ќе го прими претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој доаѓа во посета на земјава, потврдиле за државната новинската агенција МИА од кабинетот на Иванов.

Посетата на Туск на Македонија е дел од неговата балканска турнеја, на која, меѓу другото, ќе се разговара за имплементирањето на навремениот одговор на ЕУ на мигрантската криза во Источниот Медитеран. Во однос на посетата на Македонија, како што потврдија од неговиот кабинет за „Мета“, Туск ќе пренесе порака од Европскиот совет за европските перспективи на целиот регион, а со претседателот Иванов ќе разговара и за ситуацијата во Македонија.

Инаку, Иванов пред десетина дена ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, наводно поради посетата на Унгарија, и својот термин за средба со еврокомесарот им го отстапи на претставниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.


Туск следната недела во Македонија


Брисел, 29 март, 2017 - 14:11 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, следната недела ќе ја посети Македонија, но засега нема официјална потврда за посетата.

Како што дознава „Мета“, сè уште не е прецизирано кој ден точно ќе допатува Туск. Деталите за датумот и точната агенда ќе бидат познати најдоцна в петок.

Повод за посетата на Македонија, како што соопштуваат дипломатските извори, се почестите предупредувања за можен нов бегалски бран поради затегнатите односи помеѓу ЕУ и Турција и заканите за раскинување на договорот меѓу Анкара и Брисел за мигрантите, но и продлабочувањето на политичката криза во Македонија.

Ова ќе биде трета посета на Туск на Македонија во последните две години, односно откако почна бегалската криза.


Борис Џонсон ја одложи посетата на Русија


Лондон, 27 март, 2017 - 18:36 (META) 

Шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон ја одложи посетата на Русија поради промена на датумот за одржување на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.

Џонсон требаше за време на посетата на Москва, прва во последните пет години, да разговара со руските власти за разликите помеѓу двете земји во врска со Сирија и Украина.

Според зборовите на портпаролот на Џонсон, шефот на британската дипломатија телефонски се слушнал со неговиот колега Сергеј Лавров и изразил надеж дека посетата повторно ќе биде договорена и тоа во најкраток можен рок.

Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО е закажан за 31 март.


Попоски на работна посета во Лихтенштајн


Вадуц, 25 март, 2017 - 11:02 (META) 

Вицепремиерот и министер за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска е на работна посета на Принципатот Лихтенштајн.

За време на посетата, Попоски се сретнал со министерот за надворешни работи, образование и за култура, Аурелија Фрик, како и со принцот Алојс.

„На средбите се разговараше за мултилатералната соработка, ефектите врз економиите и политичката интеграција во ЕФТА-членките и за состојбата во балканските земји по одлуката за излез на Обединетото Кралство од ЕУ, како и за ризиците од мигрантската криза и за заканите од радикализам и од тероризам во глобални рамки“, информираат од МНР.


ЛП: Иванов со скандалот со Хан се покажа како крајно неспособен за функцијата што ја врши


Скопје, 22 март, 2017 - 13:27 (META) 

Либералната партија го осудува скандалот што го направи Ѓорге Иванов, поврзан со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и на тројцата европратенции, со што, како што велат од партијата, се покажал како крајно неспособен за функцијата што ја врши и за тоа треба да поднесе одговорност.

Претседателот Иванов вчера ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Хан, и со европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, поради работната посета на Унгарија и својот термин им го препушти на членовите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.

„Либералната партија смета дека најдобар резултат од посетата на функционерите од Брисел е утврдената можност во решавањето на кризата голема улога да има одлуката на Европската Унија за почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ и отворањето на поглавјата 23 и 24, во првите сто дена од формирањето на владата на парламентарното мнозинство на чело со СДСМ за која се собрани 67 потписи“, стои во соопштението на Либералната партија.


Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, најави Путин


Москва, 16 март, 2017 - 20:13 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја посети Москва на 2 мај, изјави денеска рускиот претседател, Владимир Путин, на состанокот со премиерот на Баварија, Хорст Зехофер, јавуваат светските агенции.

„Посакајте ми сè најдобро со федералната канцеларка. Ја чекаме посетата на госпоѓа Меркел на 2 мај“, рекол Путин.

Меркел, заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд, беше посредник во постигнувањето на мировниот договор во Минск помеѓу проруските сепаратисти на истокот на Украина и украинските сили. Германската кацеларка е жесток критичар на Кремљ поради неговите акции во Украина и во Сирија.

Посетата на германската канцеларка на Русија доаѓа во пресрет на изборите во Германија, закажани на наесен, на кои Меркел ќе се бори за четврти мандат на чело на германската влада.

Инаку, Меркел утре во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Западните медиуми, цитирајќи официјални претставници на САД, пишуваат дека Трамп ќе бара совет од Меркел што да прави со Русија.


Иванов ја одложи посетата на Австралија


Скопје, 16 март, 2017 - 13:20 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, донел одлука за одложување на посетата на Австралија, соопштиле од неговиот кабинет за државната новинска агенција МИА.

Оттаму посочиле дека политичката состојба во земјава и тензиите меѓу Европската Унија и Турција за прекин на договорот за мигрантите се причините поради кои Иванив нема да ја реализира посетата на Австралија, каде, како што велат од неговиот кабинет, тој требало да има средби со државниот врв на земјата, со претставници на македонско-австралиската група за пријателство во парламентот на Австралија, како и со претставници на македонската заедница.

Иванов сега е во дводневна посета на Азербејџан, каде учествува на петтиот Глобален форум во Баку.

Отсуството на Иванов од земјава, во момент на тензична атмосфера и на институционална блокада, наиде на критики во јавноста. СДСМ го обвини претседателот Иванов дека опасно си игра со безбедноста и со стабилноста на државата, бидејќи во време кога Македонија се соочува со една од најголемите политички и институционални кризи, тој решил да замине од земјата.


Жбогар и „ЕУ за тебе“ денеска во посета на Валандово


Валандово, 16 март, 2017 - 10:00 (META) 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, денеска ќе биде во посета Валандово, во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, каде ќе се сретне со градоначалникот Николче Чурлиновски и ќе го посети проектот финансиран од ЕУ, „Квалитетот на животот, услов за напредок и за одржлив развој во прекуграничниот регион“.

Амбасадорот, исто така, ќе го посети Центарот за социјална работа во Валандово што ќе биде реновиран со средства од Европската Унија.

Проектот е финансиран од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Неговата вкупна вредност е 800.000 евра.

Кампањата „ЕУ за тебе“ има цел да ги подигне свеста и информираноста на јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Целокупната помош на Европската Унија во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на програмата ИПА1 (2007-2013), додека понатамошна поддршка од 100 милиони евра се планира во рамки на ИПА2.