fbpx

Османи во посета на Индија, во фокус економската соработка и регионалното поврзување

Османи се сретна со индискиот потпретседател, министерот за надворешни работи на оваа земја, а имаше и обраќање пред Индискиот совет за меѓународни работи

-

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Индија, денеска оствари средба со индискиот министер за надворешни работи Субраманјам Џаишанкар, информираат Министерството за надворешни работи.

Во фокус на разговорите бил развојот на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Индија, со акцент на можностите за унапредување на трговската размена, зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските.

„Северна Македонија придава големо значење на развојот на односите со Индија, со која иако географски оддалечени, тесно нè поврзува ликот и делото на Мајка Тереза. Пред нас се отвораат широки потенцијали за јакнење на соработката во бројни области, пред сè во делот на ИТ индустријата, агробизнисот, обновливите енергии, медицината и туризмот”, нагласи Османи.

Воедно, Османи истакна дека покрај развојот на соработката на билатерално ниво, потребно е заеднички да се работи и на поврзување на регионите, при што ја лансираше идејата за одржување Форум Западен Балкан – Индија.

„Задоволство ми е да ја претставам идејата за одржување Форум Индија-Западен Балкан, што има за цел регионално поврзување и разгледување на можностите за раст и развој во значајни области од интерес. На овој начин се отвара можност за продлабочување на економските односи, но и целокупната соработка меѓу нашите региони“, истакна Османи.

На средбата станало збор и за соработката на мултилатерално ниво, при што била поздравена значајната улога на двете земји на меѓународната сцена, особено во делот на адресирањето на актуелните глобални состојби преку претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и на Индија со Г20.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи за време на неговата официјалната посета на Индија имал обраќање и пред Индискиот совет за меѓународни работи во Њу Делхи.

Во своето обраќање, Османи се осврна на активностите на Северна Македонија во рамки на Претседавањето со ОБСЕ во 2023, во исклучително сложените геополитички околности предизвикани од руската агресија врз Украина.

„Имајќи предвид дека Северна Македонија и Индија во овој момент раководат со две многу важни меѓународни платформи – Северна Македонија со ОБСЕ, а Индија со Г20 верувам дека заедно можеме да обезбедиме подобро функционирање на овие процеси од кои на крај зависи и безбедноста на граѓаните“, рече Османи, додавајќи дека војната на европско тло не ја погодува само Украина и нејзините граѓани, туку претставува опасност и за светската безбедност.

Пред претставниците на дипломатскиот кор, владините институции, аналитичари, како и истакнати гости од невладиниот сектор и тинк тенк заедницата кои присуствуваа на Индискиот совет за меѓународни работи, Османи ги презентираше и другите приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

За време на официјалната посета на Индија, Османи се сретна и со потпретседателот на државата, Џагдееп Дханкар.

„Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе биде дел од нашите истории и ќе остане во колективната меморија на нашите земји,“ рече Османи по средбата со индискиот потпретседател.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...