fbpx

Не стивнуваат реакциите за милионскиот тендер на МНР, случајот со „Еуровиа“ го испитува и Антикорупциска

Од Антикорупциската комисија премиерот Ковачевски очекува да се утврди дали фирмата „Еуровиа“ од Желино го добила тендерот на МНР од 1,8 милиони евра, затоа што била донатор за ДУИ, додека опозициските партии очекуваат одговорност и раскинување на тендерот

-

Тендерот од 1,8 милиони евра што го доби компанијата „Еуровиа“ од Желино за реконструкција и уредување на салата „Борис Трајковски“ за конференцијата на ОБСЕ во декември стигна и до Антикорупциската комисија. На денешната седница од ДКСК беше кажано дека случајот се комплетира и дека ќе се преземат соодветни чекори,  особено по повикот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, Антикорупциска да го истражи тендерот.

На прашањето дали ќе побараат информации од ДУИ и од компанијата „Еуровиа“, од ДКСК одговорија дека информации се веќе побарани.

„Информации се побарани, треба да се докомплетираат и другите информации што ги имавме и претходно, предметот е при крај и кога ќе бидеме конкретни ќе се произнесеме на некоја наредна седница“, изјавија од Антикорупциската комисија.

Инаку, фирмата „Еуровиа“, како што објавија дел од медиумите, го добила тендерот на МНР, иако била донатор за ДУИ. Министерот Бујар Османи вчера изјави дека првпат од медиумите дознал дека станувало збор за фирма-донатор за партијата и рече дека би предложил да се донесе закон со кој на компаниите што донираат на политички партии би им се забранило да учествуваат на јавни набавки.

За случајот денеска се изјасни и премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека во случајов очигледно е избрана најниската понуда, но и секој од понудувачите имал право на жалба согласно Законот за јавни набавки. Би било сомнително, оцени премиерот, доколку некој е донатор на одредена политичка партија и добие тендер со највисока цена, а не со најниска цена.

„Би било уште посомнително доколку некој добие тендер, е донатор на некоја политичка партија, а не е заведен дека е донатор на политичка партија. Е тоа мора да проверите кај оние што беа претходна власт како го правеле, па како купувале плацеви, итн. Тоа таму ќе треба да се провери – како се купувале билборди, па кој им ги плаќал тие билборди, кај не ги плаќал, кој ги отпишал, итн., ама тоа е прашање за други“, рече Ковачевски, додавајќи дека Антикорупциската комисија ќе го испита случајот во однос на документацијата, постапката и изборот на изведувачот.

Реакција стигна и од опозициската партија Беса, од каде тврдат дека Еуровиа во текот на 2021 и 2022 година има зголемување за повеќе од 100 отсто на прометот и годишната добивка, а според нив, ова ја докажува поврзаноста на фирмата со ДУИ. БЕСА бара одговорните институции да го расветлат случајот.

„Нема некој со малку логика, кој би поверувал во тврдењата на господинот Османи, дека тој навистина не бил свесен за случајот! Што се однесува до информирањето на јавноста, ве известуваме дека деловниот однос на ДУИ со фирмата што го доби тендерот од 1,8 милиони евра е очигледен и тоа јасно го докажуваат приходите и профитите на оваа компанија во последните години“, изјавија од БЕСА.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа од министерот Бујар Османи веднаш да го раскине договорот.

„Додека Елмедин Адеми зема народни пари, Бујар Османи се прави наудрен, знаел дека Адеми и фирмата Еуровиа ДООЕЛ дека се најголеми донатори на ДУИ, па потоа не знаел. Времето на крадење на Османи и ДУИ завршува. Следува одговорност и ревизија на сите криминални тендери на ДУИ поддржани од СДС“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Еуровиа“ со над 25 државни и општински тендери за шест години

Инаку, според податоците од Бирото за јавни набавки, фирмата Еуровиа ДООЕЛ Желино во последниве години има добиено тендери кои тежат милиони евра.

Само годинава, фирмата има добиено четири тендери – за набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на спортскиот центар „Борис Трајковски, потоа реконструкција на фекална канализација од Општина Чаир за 76 илјади евра, речиси 2 милиони евра од ЈП за државни патишта за „чистење на канавки, риголи, пропусти, берми и кресање банкини на автопат во времетраење од две години“ и 2 милиони евра за изградба на полициска станица во Аеродром, тендер распишан од МВР.

Компанијата за шест години има добиено повеќе од 25 тендери од државни и јавни институции, од општините Тетово, Врапчиште, Чаир, Министерството за образование, Министерството за здравство итн.

Според податоците од Централниот регистар, нето-добивката на фирмата за 2022 година изнесува над 786 илјади евра.

Сопственик на фирмата е Ељмедин Адеми, за кој се тврди дека е внук на Абдулаќим Адеми, а тој пред неколку дена се јави со реакција во однос на тендерот.

„Мојата врска со ДУИ, донирањето што се нагласува кон Демократската унија за интеграција и вредноста на донацијата, се невистинити; конкретно, ЕУРОВИА со матичен број: 6630294 и Даночен број: 4028010513380 НЕ ИЗВРШИЛЕ НИКАКВИ ДОНАЦИИ кон политичкиот субјект ДУИ!“, стоеше меѓудругото во реакцијата.

Сепак, во Централниот регистар заведени се повеќе фирми кои се директно или индиректно поврзани со Еуровиа ДООЕЛ и со Адеми, а имаат слични називи, како на пример Еуровиа Аграр Желино и Еуровиа Холдинг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...