Соларната енергија ќе стане поатрактивна за домаќинствата ако се намали времето на враќање на инвестициите

Парите вложени во фотоволтаична централа на кров на куќа, доколку нема субвенции од државата, се враќаат од шест до 16 години, а инвестицијата во фототермални централи се враќа од седум до 18 години

Фото: Мета.мк

Парите вложени во фотоволтаична централа на кров на куќа, доколку нема субвенции од државата, се враќаат од шест до 16 години, а инвестицијата во фототермални централи се враќа од седум до 18 години. Нешто поисплатливи од економски аспект се термалните системи за производство на топла вода, кои се исплатуваат за период за пет до шест години. Доколку државата даде субвенции до 30 проценти од цената на системот, условите за враќање на инвестицијата се подобруваат, но и во тој случај се движат од пет години за фотонапонски централи и од шест до 15 години за фототермални централи, покажува анализата на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, направена во соработка со повеќе организации и експерти.

Инвестирањето во соларни системи и генерално обновливи извори на енергија е нешто за кое во последните години многу повеќе се зборува, но за кое ниту од далеку не се искористува потенцијалот. Анализите покажуваат дека енергетската исплатливост, заштедата и намалувањето на влијанијата врз климатските промени се неспорни, но и дека економските математики, како и административните процедури не го следат трендот за што поголемо привлекување на граѓаните кон овие инвестиции.

За да бидат поисплатливи, овие системи треба да бидат димензионирани според потрошувачката на домаќинствата, а не според максималниот лимит што е пропишан во законодавството, вели професорот Драган Миновски и посочува дека треба да се укинат ограничувањата за граѓаните на шест киловати и на компаниите на 40 киловати инсталирана моќност.

„Рокот на враќање на инвестицијата во фотонапонски и фототермални централи може драстично да се намали и да биде од три до пет години, што овие системи ќе ги направи поатрактивни за граѓаните. Тоа може да се постигне доколку се смени формулата во Правилникот за обновливи извори на енергија и за произведената струја да се исплатува истата сума како онаа која ја купува од снабдувачот, доколку субвенциите се 50 отсто, а не 30 и доколку нема ограничувања за максимална инсталирана моќност“, смета Миновски.

Половина од граѓаните во земјава не можат да си дозволат инвестиција во фотонапонска централа, а остатокот можат ако земат кредит. Според анализата на Македонската платформа против сиромаштија, две-третини од домаќинствата воопшто не знаат каков систем би бил најсоодветен за нив, ниту пак ги знаат процедурата и документите кои им се потребни за да ги добијат.

„Најсиромашните, особено во руралните средини или помалите градови воопшто и не размислуваат за искористување на енергијата на сонцето, иако тие спаѓаат во категоријата која најголем дел од буџетот го троши за енергија. Од друга страна, Општините не инвестираат во капацитети за да им објаснат како стојат работите барем на оние кои имаат пари за ваква инвестиција, што значи дека секој е оставен самиот да се снајде“, вели Билјана Дуковска од МППС.

Административната постапка за поставување на фотонапонски централи во земјава е малку олеснета, но и понатаму многу скапа, долга и нејасна за повеќето. Законот сè уште не ги познава и не ги регулира и другите типови на соларни системи, а постапката сè уште се води на хартија, иако во соседството, во Србија и Хрватска е целосно дигитализирана.

„За разлика од Србија, кај нас граѓаните кои ќе постават фотоволтаици на кровот, но не се поврзат со дистрибутивната мрежа, според законот се соочуваат со казна и тоа треба да се смени“, посочува Бојан Трпевски од Македонското здружение за млади правници.