Природата на Демир Капија се уништува, прогласувањето на споменик на природата е начин да се спаси

Се очекува најмалку четири притоки и дел од Вардар да влезат во новата заштитена зона, која ќе треба да се преклопи и со идното Натура 2000 подрачје, како и со постоечките Емералд подрачја по течението на Вардар и со ИБА подрачјето значајно за птиците

Фото: Мета.мк

Реки пренасочени во цевковод, изградени брани во коритата, сечи на шумите околу нив и ерозија, е сликата со која се соочува подрачјето на Демир Капија, кое веќе шест децении е заштитено на хартија како споменик на природата, но не и во пракса.

За овој вреден предел во следната една година ќе се изработува нова Студија за валоризација на природните вредности, која ќе треба да биде основа за нова и вистинска заштита. Се очекува најмалку четири притоки и дел од Вардар да влезат во новата заштитена зона, која ќе треба да се преклопи и со идното Натура 2000 подрачје, како и со постоечките Емералд подрачја по течението на Вардар и со ИБА подрачјето значајно за птиците.

Домашни и меѓународни експерти од The Nature Conservancy заедно со претставници на Министерството за животна средина, локалните власти и Еко Свест неодамна го истражуваа подрачјето на Демир Капија, кое треба да се репрогласи и за кое се докажало дека се соочува со низа девастации.

„Ги посетивме Иберлиска река, Копришничка река, Дошница и топлите вирови и долното течение на Вардар. Иберлиска река уште во шеесеттите години на минатиот век е препозната како подрачје кое е вредно за заштита заради богатството на флора и фауна и покрај чиј брег се познатите шуми на платани. Копришничка река со нејзините водопади во еден дел е во недопрена состојба, но околу неа има гола сеча на шуми и ерозивни процеси, што значи дека подрачјето кое треба да е под заштита, всушност е девастирано и ќе бидат потребни навистина големи мерки за реставрација. На оваа река има и голема бетонска брана“, вели Ѓорѓи Митревски од Еко Свест.

Посочува дека експертите констатирале дека и стотина метри од Клисурска река се затворени во цевковод и пренасочени подземја заради изградба на автопатска делница, која одамна е завршена, но реката не е вратена во првобитна состојба.

Еден од главните предуслови за вистинска заштита на клисурата, реките и биодиверзитетот е изработката на нова Студија за валоризација на природните вредности на Демир Капија, за која веќе е потпишан меморандум за соработка со донаторот The Nature Conservancy. Митревски очекува експертскиот тим што ќе ја работи да се оформи летово, а изработката да започне наесен. Ќе се работи најмалку една година за да се опфатат сите сезони за истражувања. Студијата треба да покаже со какви вредности обилува ова подрачје, не само на геодиверзитет туку и на биодиверзитет, хидрологија и други, а ќе даде и прецизен опфат на територијата која треба да се најде под активна заштита.

Митревски вели дека репрогласувањето како споменик на природата за Демир Капија е само првиот чекор кон вистинската заштита бидејќи, за да не се повторат грешките од пред неколку децении, подрачјето ќе треба да има план за управување, активен управувач и навистина функционално да се управува. Истовремено ќе се работи и Социо-економска студија која ќе ги обработи планираните и постоечките активности, бројот на население што живее во ова подрачје, дејностите со кои се занимава, постоечката и планираната инфраструктура, но и бенефитите кои граѓаните ги очекуваат и кои ќе ги добијат од заштитата.

„Околу 96 отсто од граѓаните гледаат подобрување на животот доколку Демир Капија стане споменик на природата. Во сегашните услови можностите за локален развој не се многу големи, но според нашата анализа има голем потенцијал, на пример, за отворање на качувачки патеки во клисурата, кои ќе донесат туристи за кои ќе треба сместувачки капацитети. Има подрачја кои ќе се маркираат како пешачки и велосипедски планински патеки. Голем потенцијал има и во подготовката на традиционални специјалитети, мед, чаеви, кои можат да се брендираат како производи од заштитено подрачје и со тоа да добијат на вредност“, вели Митревски.

Од Министерството за животна средина велат дека ќе го коорднираат и водат целиот процес на изработка на Студијата за ревалоризација на природните вредности на Демир Капија во согласност со законот за заштита на природа по што ќе отпочне постапка за прогласување на заштитеното подрачје. Студијата ќе треба да покаже и дали подрачјето кое ќе се најде под заштита ќе биде истото кое било заштитено со одлуките пред шест децении или пак ќе се менува.

„Студијата за ревалоризација на природните вредности на Демир Капија ќе ги дефинира вредностите кои треба да се заштитат. Придобивките ќе бидат заштита на природата и развој на локалните заедници, одржливо користење на природата на начин со кој нема да бидат загрозени природните вредности и воведување на концептот на користење на екосистемски услуги на подрачјето“, велат од Министерството.

Прогласувањето и воспоставувањето на нови заштитени подрачја и природни реткости е една од мерките за запирање и враќање на загубата на биолошката разновидност, што оваа година е и тема на Меѓународниот ден на биодоверзитетот кој се одбележa на 22 Мај.

Од Министерството велат дека, покрај новите заштитени подрачја, зачувувањето на биодиверзитетот се обезбедува и со изработка на планови за управување со заштитени подрачја, изработка на нацрт- планови за управување со живеалишта и видови од национално и Европско значење, реставрација на живеалишта, изработка на нацрт-планови за управување со потенцијални Натура 2000 подрачја, идентификација на потенцијални живеалишта за Натура 2000 на национално ниво, спроведување на решенија засновани на природата, ревизија на Листите на строго заштитени и заштитени диви видови, изработка на нацрт законот за ЦИТЕС со подзаконски акти и друго.