fbpx

Столтенберг од Кијив: Местото на Украина е во НАТО

„Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО, за тоа се согласни сите сојузници“, изјави Столтенберг

-

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска беше во посета на Украина, и тоа за првпат од почетокот на руската агресија врз оваа земја на 24 февруари лани. Тој на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека вистинското место на Украина е во НАТО, пренесува Си-ен-ен.

Столтенберг рече дека членството на Украина во НАТО ќе биде високо на агендата на самитот на Алијансата, којшто ќе се одржи во јули годинава во Вилнус.

„Иднината на Украина е во евроатлантското семејство, иднината на Украина е во НАТО, за тоа се согласни сите сојузници“, изјави Столтенберг.

Тој воедно додаде дека приоритет на НАТО е да обезбеди украинска победа во војната со Русија.

Официјално ненајавената посета на Столтенберг на украинскиот главен град Кијив започна со полагање венец со цвеќе во чест на украинските војници кои се убиени во борбите против руските трупи во источниот дел од земјата. Освен тоа, Столтенберг во центарот на Кијив, на Михајливски плоштад, ги разгледа освоените руски оклопни возила во досегашните борби.

Јенс Столтенерг денеска рече дека членките на НАТО испорачале повеќе од 150 милијарди евра поддршка за Украина, вклучувајќи и 65 милијарди евра воена помош од февруари лани.

Зеленски рече дека посетата на Столтенберг на Кијив е знак дека Алијансата е подготвена да започне ново поглавје во односите со Украина. Украинскиот претседател додаде дека не постои објективна пречка за политичката одлука да се покани Украина за членство во НАТО. Тој повтори дека неговата земја сака да знае кога би можела да постане членка на НАТО.

„Сега веќе мнозинството на населението во земјите-членки на НАТО и мнозинството во Украина го поддржуваат нашето влегување во Алијансата“ изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...