Песна создадена со вештачка интелигенција за некои стана „хорор филм“

Drake Live at Walmart Soundcheck, on: Flickr License details> https://creativecommons.org/licenses/by/2.0/legalcode Creator: Lunchbox LP

Нумерата „Heart on My Sleeve“, привидно од Drake (Дрејк) и The Weeknd (Викенд), двајца од најпопуларните музичари на денешницата, стана светски мегахит на социјалните медиуми, со милиони посети, и беше официјално емитувана на стриминг сервиси пред да се разјасни дека не станува збор за нивно дело, туку за песна целосна направена со модел на вештачка интелигенција што ги имитира нивните гласови.

И иако за двајцата музичари оваа „забуна“ е само ситно проблемче, за многумина во музичката индустрија е сериозен проблем: предвесник на проблемите што може да се изродат кога новата технологија ќе навлезе во мејнстримот пред да се креираат неопходните правилници за употребата на вештачката интелигенција (ВИ), пишува „Њујорк Тајмс“.

Нумерата, инаку, откако се разјасни нејзиното потекло, беше експресно симната од официјалните стриминг сервиси како Спотифај, но сè уште може да се најде на Јутјуб и ТикТок.

Користењето на модели на вештачка интелигенција за создавање музички дела воопшто не е новост, но случајот со „Heart on My Sleeve“ одекна најгласно досега, свртувајќи го силно вниманието на јавноста кон феноменот од последните месеци – внесувањето на ВИ во музичкото творештво.

Иако ВИ Ријана која пее песна на Бијонси или ВИ Канје Вест кој ја исполнува „Hey There Delilah“ не предизвикуваа преголем загриженост, официјалното емитување на „Heart on My Sleeve“ на стриминг сервисите, заедно со умниот онлајн маркетинг реализиран од анонимниот креатор на оваа нумера, ги засили алармите за музичкиот бизнис, каде големите куќи веќе се во страв од ВИ модели што ќе учат од нумери со заштитени права, а потоа ќе „ја запоседнат“ музичката сцена преку „кражба“.

Така, Јуниверзал Мјузик Груп, најголемата од музичките куќи, која е матична и на Дрејк и Викенд, веќе реагираше кај стриминг сервисите, но истовремено и повика да се размисли за пошироките импликации од овој случај. Конкретно, компанијата праша „На која страна од историјата сакаат да застанат сите учесници во музичкиот екосистем: на страната на авторите, обожувателите и човечката креативност, или пак на страната на дипфејкот, измамата и крадењето на приходите од музичарите“.