fbpx

Ковачевски во Вашингтон се сретна со конгресмените и сенаторите Бојл, Марфи и Дингел

Ковачевски во своето обраќање на „Џонс Хопкинс“ Универзитетот, кажа дека Северна Македонија е многу уникатен пример за тоа како преку дипломатија и отворен дијалог се решаваат отворени прашања

-

Премиерот Димитар Ковачевски, за време на неколкудневната работната посета на Вашингтон, се сретна со конгресмените Брендан Бојл од Пенсилванија и Деби Дингел од Мичиген и со демократскиот сенатор, Крис Марфи.

„Ковачевски и Бојл заклучија дека Северна Македонија изминатите години донесе повеќе мудри и храбри одлуки кои овозможија одржување на долготрајната стабилност, европската и евроатлантска интеграција, и преку кои се покажа дека земјата може да функционира како вистинска мултиетничка демократија“, наведено е во владиното соопштение.

Kонгресменот Брендан Бојл од Пенсилванија и премиерот Димитар Ковачевски. Фото: Влада на РСМ

Конгресменот Бојл ја нагласи целосната поддршка за следните чекори на Северна Македонија во евроинтегративниот процес, како и за заложбите за севкупен развој на регионот. Како долгогодишен пријател на Северна Македонија, Бојл посочи дека е навистина горд на влијанието кое што го има македонската заедница во САД.

Конгресменката Дингел, пак, истакна дека како долгогодишна пријателка на нашата држава, посебно е горда на придонесот на македонската заедница во Мичиген која исклучително ја цени. Притоа, Дингел изрази целосна поддршка за справувањето со предизвиците пред кои се наоѓа Северна Македонија, а кои ќе придонесат кон развој на државата.

На средбата Ковачевски-Марфи пак, биле разменети мислења за севкупната соработка меѓу САД и Македонија, за европските аспирации и за состојбите во поширокиот регион, и како истите влијаат на иднината на Западен Балкан.

Средба со демократскиот сенатор Крис Марфи. Фото: Влада на РСМ

„Премиерот изрази благодарност за доследната политичка поддршка од страна на сенаторот Марфи за процесот на евроинтеграции на Северна Македонија. На средбата премиерот Ковачевски потенцираше дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите се етаблираше како држава фактор на стабилност во регионот“, стои во владиното соопштение.

Ковачевски за време на неколкудневната посета на САД исто така се обрати и на престижниот универзитет „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон на тема: „Неодложна потреба за економски развој на Балканот“. Во своето обраќање тој кажа дека Северна Македонија е многу уникатен пример за тоа како преку дипломатија и отворен дијалог се решаваат отворени прашања.

„Овие отворени прашања ги викам идентитетски прашања, ако ги погледнеме сите конфликти коишто се случија во државите на поранешна Југославија, а кога ќе ја видиме и бруталната агресија низ Украина, тука повторно се работи за идентитетска агресија, а Северна Македонија докажа дека постои модел на дипломатија со кој овие идентитетски прашања можат да бидат решени и затворени“, кажа Ковачевски во својот говор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...