fbpx

Фон дер Лајен пристигна во Скопје „во клучен момент за евроинтегративниот процес“

Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот уникатен идентитет и вашиот јазик, македонскиот јазик, напиша фон дер Лајен по средбата со претседателот Пендаровски

-

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево пристигна во Скопје, од каде ја започнува својата четиридневна посета на Западен Балкан.

На Меѓународниот аеродром Скопје ја пречека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека посетата на претседателката на Европската комисија е позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и е „во клучен момент за нашиот евроинтегративен процес“.

„Имаме важни прашања кои треба да ги отвориме за реформите и обврските пред завршувањето на скрининг процесот и пред објавата на годишниот Извештај за напредокот за 2023 година. На утрешниот состанок очекувам корисна и плодна дискусија фокусирана на следните чекори и планови за брз напредок кон полноправно членство во ЕУ“, стои во објавата на Фејсбук страницата на вицепремиерот Маричиќ.

фото: Секретаријат за европски прашања

Фон дер Лајен вечерва ја прими и претседателот Стево Пендаровски, од чиј кабинет соопштија оти на средбата се разговарало за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во ЕУ, како и за актуелните политички случувања во Северна Македонија и состојбите во регионот.

„На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од Европската Унија на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан“, соопштија од претседателскиот кабинет.

На средбата Пендаровски и фон дер Лајен размениле мислења за стратешката важност од спроведување на уставните измени и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава.

Снимки од средбата кај Пендаровски објави и фон дер Лајен, која на социјалната мрежа „Х“ напиша:

„Како што напредувате во реформите, го правите својот пат кон ЕУ. Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот уникатен идентитет и вашиот јазик, македонскиот јазик“.

Со свечена церемонија, претседателката на ЕК утре ќе ја пречека и премиерот Димитар Ковачевски пред платото пред Владата, по што ќе следува билатерален состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција.

Од Скопје, фон дер Лајен продолжува кон останатите земји од Западен Балкан – прво ќе ја посети Приштина, а потоа и Подгорица, Белград и Сараево.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...