Утре во ААВМУ ќе се одржи презентација на Мрежата за медиумска писменост


Скопје, 6 јуни, 2018 - 14:31 (META) 

Утре, на 7 јуни 2018 година во 12 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи состанок и презентација на Мрежата за медиумска писменост http://mediumskapismenost.mk/.

На состанокот ќе се претстават трите проекти за медиумска писменост кои ќе ги спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“, МИМ и МОФ, а кои се финансиски поддржани од Европската Унија.

Сите три проекти ќе спроведуваат во наредните три години и преку своите активности ќе се застапуваат за зголемување на свеста кај јавноста за одговорни отчетни и професионални медиуми, без лажни вести, пропаганда и говор на омраза.

На средбата ќе има и дискусија за да се пренесат најновите европски искуства во поглед на функционирањето на мрежите за медиумска писменост.

Овој месец е актуелен повикот за грантови http://crithink.mk/bara-e-za-aplikacii-grantovi-za-gra-anski-organizacii-vo-ramki-na-proektot-kritink/ за невладини организации и медиуми објавен од „Метаморфозис“ и „Евротинк“’ кој е отворен до 6 јули 2018 година.


Невладините организации бараат да сопрат инспекциите и политичкиот прогон


Скопје, 29 мај, 2017 - 13:51 (META) 

Невладините организации денеска ја повикаа новата власт и институциите веднаш да го прекинат политичкиот притисок на кој, како што рекоа, неправедно и намерно се изложени 20 граѓански организации уште од декември, кога ВМРО-ДПМНЕ повика на „прогон“ на граѓанските организации.

– Бараме и да се провери основаноста на контролите и да се истражи злоупотребата на службената должност за политички притисок и дискриминација, но и да се повлече одлуката на актуелната техничка влада да додели 800.000 евра на граѓански организации, за кои голем дел од јавноста првпат слушна по објавувањето на нивните имиња како примачи на пари од владата – порачаа, во името на 20 граѓански организации, Дона Костуранова од „Младински образовен форум“, Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ и Зекир Абдулов од организацијата КХАМ – Делчево.

Тие посочија дека изминатите месеци овие организации биле под постојан притисок на контролите од Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и од МВР, а на барање на Јавното обвинителство, како и на Агенцијата за финансиско разузнавање и на Државната комисија за спречување корупција.

– Одговорно кажуваме дека како организации својата работа ја вршиме професионално и немаме проблем да дадеме отчет пред институциите како што тоа секојдневно го правиме и пред нашите членови, донаторите и пред граѓаните – рече Костуранова, истакнувајќи дека досегашното искуство на 20 невладини организации говори дека не станува збор за рутински и наменски контроли, туку за наменски контроли за да се нанесе штета на работењето.

Таа додаде дека инспекторите, гледајќи дека сè е в ред во работењето, барале законски дупки за да ги казнат невладините организации. Посочи и дека е сомнително тоа што во ист ден се давале наредби за контроли на неколку невладини организации.

Костуранова соопшти дека  досега се изречени и неколку казни, од кои како впечатлив беше посочен примерот на КХАМ – Делчево, која досега треба да плати 3.500 евра за персонален данок за поделена хуманитарна помош, како и камати за него поради задоцнето плаќање.

– Гледаме еден крајно селективен пристап и хајка на невладините организации. Во општините Делчево, Виница и Пехчево досега доделивме повеќе од 500 бебешки пакети, организиравме обуки на Ромки, организиравме довршување на основно и на средно образование на значителен број лица, обезбедивме возило за брза помош и патронажна служба, организиравме 450 превентивни прегледи и за сето тоа, за работа во полза на ранливите групи, на кои пред сè треба да им помага државата, а тоа го правиме ние, добивме казна од 3.500 евра – рече Абдулов.

Поради отежнатото работење на граѓанските организации, Македонија е изложена не само на ризикот да не добијат помош тие на кои им е најмногу потребна, туку и да загуби голема меѓународна помош, нагласи тој.

Покрај барањето да престане прогонот, неформалната коалиција граѓански организации побара и да се ревидира одлуката на техничката влада во заминување да подели 800.000 евра на непознати граѓански организации, сума која е најголема досега.

– Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините организации, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од кој било што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра, сега се зголемени до 50.000 евра. Поради сите овие причини, бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најкус можен рок – рече Стојановски.

Тој порача дека и покрај околностите и секојдневните притисоци во изминатите пет месеци, граѓанските организации кои се подложени на инспекции сепак не престанале да ја работат својата работа и посочи дека така ќе биде и во иднина.

– Ќе продолжиме да работиме одговорно и во интерес на сите граѓани на Македонија, како контролори на власта и на институциите. Ќе бидеме тука за да се грижиме дека ќе има одговорни институции и фукционално Собрание, отворено за граѓаните, кое ќе врши надзор на власта – рече Стојановски.

Невладините организации во изминатите пет месеци неколкупати се обраќаа до досегашната власт со апел да престане со политичкиот притисок преку инспекциите.


МОФ: Агитирањето меѓу млади луѓе за партиски цели мора да престане


Скопје, 6 март, 2017 - 15:48 (META) 

„Учениците треба да бидат оставени сами да размислуваат и критички да се изразуваат, а секое наметнување туѓ став врз нив, секое заплашување и злоупотреба најостро го осудуваме. Агитирањето меѓу млади луѓе за остварување партиски цели мора да престане“, се вели во соопштението на Младински образовен форум (МОФ).

Оттаму додаваат дека „директорите, професорите и родителите треба да реагираат на секоја намера учениците да бидат вмешани во агендата на политички партии и под превезот на нивното право на здружување да се поткреваат меѓуетнички тензии“.

– Вакви активности на долг рок ќе донесат сегрегација и отуѓување на младите, зголемување на говорот на омраза и креирање конфликти. Жалиме што учениците почнуваат да се прашуваат на кои начини може да се заштитат бидејќи се чувствуваат небезбедно да одат на училиште или да се движат по улица поради својата етничка припадност. Срам е што острите реторики се користат за да се создаде привидна меѓуетничка тензија – се вели во соопштението на МОФ.

Тие бараат училиштата да не дозволат ширање тенденциозни материјали, постери или соопштенија, да ги заштитат учениците од присилување за излегување на протести и да не дозволат да се создаваат поделби меѓу учениците.

– Ги повикуваме надлежните институции да ги испитаат ситуациите на терен и информациите кои се шират во јавноста, а се однесуваат на злоупотреба на малолетници за остварување политички цели – се додава во соопштението на МОФ.


МОФ бара поништување на изборите за претседател на СПУКМ


Скопје, 1 јули, 2016 - 14:18 (META) 

Вчерашните криминални избори за претседател на Студентски парламент при УКИМ (СПУКИМ) се нелегални, недемократски и ги погазија правата на студентите и мора веднаш да бидат поништени, се вели во реакцијата на Младински образовен форум (МОФ).

Од МОФ бараат целосно поништување на изборите од страна на избирачката комисија на СПУКМ, ректорот во заминување, Велимир Стојковски, и од идниот ректор, Никола Јанкуловски, како и осуда на овие избори од целата академска заедница.

– Вчерашното брутално насилство и изживување врз студентите кои застанаа во одбрана на академското достоинство и на своето право на учество, бараме да бидат осудени од Народниот правобранител, но и студентската правобранителка, која наместо да побара заштита на студентските права, повикуваше на гласање. Овие избори не треба да бидат признаени ниту од Ректорската управа и од Сенатот, каде иако седат нелегални претставници на СПУКМ, другите членови треба совесно да постапат и да не ги признаат резултатите – додаваат од МОФ.

За нов претседател на Студентскиот парламент при УКИМ е избран Давор Поповски.

Припадници на Единицата за брзо распоредување и оклопни возила, пак, синоќа беа распоредени пред седиштето на СПУКМ, каде што членовите на Студентскиот парламент ги заклучија кутиите од вчерашното гласање за избор на претседател на Студентскиот парламент.


Младински образовен форум нема да ги признае изборите за претседател на СПУКИМ


Скопје, 29 јуни, 2016 - 15:20 (META) 

Изборите за претседател на СПУКМ, закажани за утре, 30 јуни 2016 година, не смее да се признаат поради нелегалното распишување и фрапантното кршење на студентските права, повикаа од Младински образовен форум. Од организацијата рекоа дека нема да ги признаат овие избори.

„Избори за студентски парламент не треба да се одржат додека не се реформира неговата структура на демократски начин и не се обезбеди простор за фер и плурални избори. Посочуваме дека моменталните студентски претставници се нелегитимни и без право да носат одлуки во име на студентите. Мандатот на претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски, е истечен уште во 2014 година и веќе две годни се продолжува без правна основа. Избори за претседател на СПУКМ не се одржале од 10 октомври 2012 година, а речиси сите студентски парламенти на УКИМ имаат истечени мандати“, пишува во соопштението на Младински образовен форум.

Оттаму додаваат дека досегашните претставници на СПУКМ успеале да го узурпираат просторот за организирање на студентите на универзитетот и четири години да носат важни одлуки во нивно име, што потврдува колку моделот на организирање на СПУКМ е монополистички и изземен од одговорност кон студентите.

„Токму затоа овие избори треба да бидат откажани, а новоформираната комисија на иницијатива на студентите за измени на статутот на УКИМ да почне со работа и даде свој предлог за уредувањето на СПУКМ. Овие избори не само што ги кршат студентските права согласно статутот на УКИМ, Законот за високо образование и Болоњската декларација, туку и ќе ги обесправуваат и ќе ги лишат студентите од застапување за своите права во циклусот на студирање“, наведено е во соопштението.


Средношколците со страв одат на училиште


Скопје, 2 декември, 2014 - 13:41 (META) 

Речиси половина од средношколците во земјата не се чуствуваат безбедно во училиштата, што се должи на нивната перцепција за големата застапеност на оружјето меѓу нивните врсници, покажува истражувањето спроведено од Младинскит образовен форум (МОФ).

Според истражувањето, 45,4 отсто од средношколците сметаат дека нивните врсници во училиште носат нож, 32,4 проценти сметаат дека некој крие алка, 27,7 проценти се сомневаат дека нивни соученици имаат пендрек и 19,1 отсто дека некој од нивните врсници поседува пиштол.

На денешната презентација на резулатите од истражувањето, од МОФ истакнаа дека овие бројки не ја изразуваат точната застапеност на оружјето, туку зборуваат за перцепцијата што ја имаат учениците, но се важни од апсект на тоа како се чувстуваат учениците и како се однесуваат врз основа на ваквата перцепција.

– Допoлнително, ако се споредат резулатите околу нивната перцепција за застапеноста на оружјето и прашањето колку тие поседувале оружје, постои разлика. 3,9 отсто рекле дека носеле нож и 2,5 проценти дека носеле пиштол. Ова е индикативно бидејќи од овие наоди можеме да видиме дека ученицие со себе носеле оружје во училиште – вели Моника Блажеска од МОФ.

Анализите на истражувањето покажале дека нема разлики во застапеноста на насилството меѓу средношколците во етнички хомогени и во етнички хетерогени средини.

– Разликите во однос на етничката структура во градовите се јавуваат во степенот на перцепција на достапноста на оружјето и во искуството со физичкото насилство и малтретирање. Во хетерогените средини имаат почесто искуство со физичко малтретирање и сметаат дека оружјето е повеќе застапатено, отколку во хомогените средини – додава Божиноска.

Ана Поп-Ризова, психолог во гимназијата „Орце Николов“, смета дека во анализата на причините за проблемот со насилството меѓу средношколците, треба да се има предвид општествениот контекст.

– Општествениот контекст е многу битен, да не заборавиме низ што сè поминавме, па така и генерациите млади се израснати опкружени со насилство и не можеме да го занемариме тоа. Практично, сè она што се случува во општеството се прелева и во училиштето – вели Поп-Ризова.

Од нејзиното искуство во гимназијата „Орце Николов“, како најзастапени форми на насилтво ги посочува физичкото малтретирање и малтретирањето преку социјалните мрежи, но и негативното влијание на навивачките групи, кои генерираат насилство особено пред натпревари.

Таа бара унапредување на законската регулатива и посериозни превентивни мерки.

– Постојано се менуваат формите на насилство и доста често се случува да имаме проблем да покриеме многу облици на насилство поради законската регулативата. Треба да се унапреди законската регулатива и друга работа е прашањето на превенција. Таа мора посистематски да се испланира, да не се сведува на некакви формални приредби против насилството или само на некое лого или максима, туку подлабоко да се опфатат, земајќи ги предвид причините за насилството и да врз основа на тоа, да се разработат програми. Во светот има доста модели кои можат да се прилагодат кај нас, како медијацијата, во која самите учениците се вклулени во превентивните активности – вели Поп-Ризова.

Последен случај на насилство за кој работеле во гимназијата, била пријава од родител за малтретирње односно навредување на ученик на „Фејсбук“.

-„Фејсбук“ не е поврзан со школото, но кога ќе се земе во овој контекст, и тоа како е поврзан со училиштето. Ние не го тргнавме тоа на страна, работиме на случајот и имаме подобрувања – додава психологот.

За директорот на средното училиште „Цветан Димов“, Шаиб Зендели, фактори кои се причина и го потикнуваат насилството меѓу средношколците се говорот на омраза на социјалните мрежи, начинот на кој медиумите ги пренесуваат вестите со политичка и со друга содржина и социоекономската состојба на семејствата на учениците.

– Ние немаме проблем внатре во училиштата. Проблемите настануваат кога учениците ќе излезат од училиште, а најголемите инциденти се случуваат на автобуските постојки. Ние, во соработка со градоначалникот на Град Скопје и со МВР, преземаме мерки за поголеми полициски патроли, но инцидентите пак се појавуваат – истака Зендели.