В среда ќе се одржи „Станица: Студентска 8“ – целодневен настан за студенти и млади

Станува збор за настан кој има за цел промовирање на активностите на и за студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и унапредување на младинското здружување и организирање

По неколку години пауза, настанот „Станица: Студентска“ се враќа со своето осмо издание, најави Младинскиот образовен форум (МОФ). Станува збор за целодневен настан наменет за студенти, но и за сите заинтересирани млади лица.

Станица: Студентска 8 ќе се одржи в среда, 3 мај, од 12 до 17 часот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Станува збор за настан кој има за цел промовирање на активностите на и за студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и унапредување на младинското здружување и организирање. Истиот претставува можност за студентите да ги споделат своите знаења со своите колеги и да го зголемат своето познавање во различни области од нивен интерес. Дополнително, студентите ќе можат директно да се запознаат со работата на студентските, младинските и организациите за млади и начините како би можеле да им се приклучат“, велат од МОФ.

На настанот се предвидени отворени предавања на интересни и актуелни теми како вештачка интелигенција, стартапи, права при контакт со полиција, млади автори, помирување и градење мир во регионот.

Дел од Станица: Студентска 8 ќе бидат и работилници за цртање на платнени торби, одржување на велосипеди и истражување на пештерите низ земјава.

Целата агенда и повеќе информации може да се најдат на овој линк.