„Кажи со раце“: Младински настан за Меѓунaродниот ден на знаковниот јазик

Младински образовен форум и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ ги покануваат сите млади на интерактивниот младински настан под мотото „Кажи со раце“ утре во Паркот на франкофонија

Илустрација: Организатори на настанот

Младински образовен форум и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ утре ќе го одбележат Меѓунaродниот ден на знаковниот јазик, во 17:00 часот, во Паркот на франкофонијата во Скопје, пред Мобилната галерија.

Организациите ги покануваат сите млади на интерактивниот младински настан под мотото „Кажи со раце“.

„Дојди и помогни ни да ја истакнеме убавината на македонскиот знаковен јазик, да ги срушиме бариерите во комуникацијата на знаковен јазик, да ја промовираме моќта на раскажувањето приказни и вклучувањето во активизам. На настанот ќе ја совладаш азбуката на знаковен јазик, ќе научиш да се претставиш и споделиш интересни факти за тебе, и ќе се вклучиш во младинска уметничка акција“, велат организаторите.

Настанот се организира со поддршка од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, а во прилог е програмата:

• Мојата приказна на знаковен јазик
Младите ќе учествуваат во работилница каде ќе се запознаат со основите на знаковниот јазик – ќе научат да се претстават и да разговараат со своите врсници на знаковен јазик.
• Младинска акција „Art Sign“
Младите ќе создадат уметничко дело кое ќе ја носи пораката „Македонскиот знаковен јазик е единствениот јазик во државата што не е стандардизиран!“ и ќе биде изложено на јавен простор, со цел да се подигне свеста од потребата за стандардизација на македонскиот знаковен јазик.
• Рацете се мојата азбука
На настанот ќе биде поставена изложба со азбуката на македонскиот знаковен јазик. Присутните на настанот ќе имаат можност да учествуваат во креирањето на видео материјали кои ќе се користат за промоција на македонскиот знаковен јазик.