МОФ: Разочарува одлуката да се стегне обрачот за тоа кој студент има право на оброк

Студентски дом Гоце Делчев
Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје / фото: Мета.мк, архивска фотографија од 06.09.2021 г.

Младински образовен форум (МОФ) со разочарување реагира по повод предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите.

Во соопштението од МОФ се велидека во услови на енергетска криза, голема инфлација и пост-пандемиско опоравување, студентите се први на удар од страна на државните институции, со тоа што се преземаат мерки „кои влијаат кон намалување на и онака веќе нискиот студентски стандард“.

„Катастрофални се условите во кои се наоѓаат студентските домови, има рестрикции за најосновните работи, како на пример, забрана за користење на сопствени решоа и грејни тела во собите, не работат лифтовите во определен период од денот, а има и други небулозни мерки, кои единствено се на штета на студентите. Сега има и измени на Законот за субвенциониран студентски оброк каде што се стеснува обрачот за тоа кој студент има право на оваа мерка“, наведено е во соопштението.

Оттаму додаваат дека дополнително загрижува фактот и што се предвидени кратења од 181 милиони денари за студентскиот стандард во буџетот на Министерството за образование и наука за 2023 година.

Предлог-законот со кој се предвидуваа измени на субвенционираниот студентски оброк се повлекува од Собранието, откако веќе се најде на дневен ред на собраниската седница закажана за задутре.

Повлекувањето на предлогот го најави пратеничката Моника Зајкова од Либерално демократската партија (ЛДП) која беше меѓу пратениците што ги предложија измените во законот за субвенциониран студентски оброк.

Денеска во 16:30 часот во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на универзитетските студентски собранија ќе се состанат со одговорни во МОН, како и со пратеници, а на средбата ќе се разговара токму за повлекување на новонаметнатите услови во законот за субвенциониран студентски оброк.