Во тек е повикот за учество на „Климатон Скопје“ – хакатон за климатски промени

Победничкиот тим ќе биде поддржан со 3.000 евра, со цел победничкото предлог-решение да се спроведе

Дводневен хакатон за климатски промени „Климатон Скопје“ ќе се одржи на 3 и 4 ноември во просториите на INNOFEIT, во организација на Центарот за развој на претприемачи и менаџери (CEED Hub) Скопје.

Настанот, како што соопштија организаторите, е отворен за сите млади ентузијасти со иновативни идеи за решавање на климатските предизвици во главниот град преку дигитални решенија.

Победничкиот тим ќе биде поддржан со 3.000 евра, со цел победничкото предлог-решение да може да се спроведе.

Повикот за учество е отворен до недела (22 октомври), а заинтересираните треба да го пополнат формуларот за учество достапен на овој линк.

Целосните детали за пријавување може да се прочитаат тука, а организаторите посочуваат оти работниот јазик на настанот ќе биде англиски јазик.

„Скопје е еден од 60-те градови низ светот во коишто се организираат Климатони во исто време од годината, со цел развивање на решенија за локалните предизвици поврзани со климатските промени“, велат организаторите.

Настанот е дел од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и CEED Hub Скопје.