Тројка од младите за квалитетот на наставата во пандемија, покажа студијата на МОФ

Фото: МОФ

По повод Меѓународниот ден на младите, Младински образовен форум (МОФ) ја презентираше студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер. Студијата покажува дека 69 отсто од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27 отсто) кои биле консултирани на локално или национално ниво. Бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15 отсто во споредба со истражувањето од 2019 година, што претставува подобрување.

Студијата исто така покажала дека пандемијата речиси на 15 отсто од младите им ја намалила платата во текот на кризата, а 6 отсто ја изгубиле работата. Во поглед на образованието, младите кои се во образовен процес даваат просечна оцена 3 за квалитет на наставата за време на пандемијата.

Важноста од вклучувањето и активноста на младите генерации ја покажува податокот дека младите кои се вклучени во младинско организирање, имаат попозитивна слика за себе и своето место во општеството. Влезот во Европската унија е важна тема за младите, но оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019 година. Речиси половина (44 отсто) од испитаниците веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.  Само една третина од младите (29 отсто) сметаат дека властите се запознаени со нивните потреби и проблеми. Кога станува збор за младите лица со попреченост, само 8 отсто сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив и нивните проблеми, велат во МОФ.

Анкетираните млади покажуваат висока свест за гласањето, од нив на парламентарните избори во 2020 гласале 74,7 отсто. Една петина од младите (20,3 отсто) велат дека редовно преземаат активности за решавање на општествени проблеми, а една третина од тие кои делувале (33,4 отсто) успевале да го решат проблемот.

За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на ковид-19, додава МОФ.

Истражувањето било спроведено преку телефонска анкета од страна на ТИМ институт во 2020 година, а е изработено од Младински образовен форум и Фондацијата за демократија на Вестминстер.