Младите бестрашно уриваат бариери за редефинирање на иднината, порачаа тие од скопскиот Градски парк

Повеќе од 100 млади лица во Градскиот парк имаа можност да се запознаат со работата на младинските организации, со Националната стратегија за млади 2023-2027, но и да уживаат во прогресивна рок музика

фото: Младински образовен форум (МОФ)

Младите да се вклучат во различни активности наменети за нив, креативно да се изразуваат и делуваат и да учествуваат во процесите на донесување одлуки. Ова беше истакнато на настанот по повод Меѓународниот ден на младите, што во петокот се одржа во градскиот парк – Школка во Скопје, соопштија од Младинскиот образовен форум (МОФ).

Настанот беше организиран од Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и МОФ соработка со Агенцијата за млади и спорт, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

„Младите ја олицетворуваат суштината на иновацијата, бестрашно уриваат бариери за редефинирање на иднината. Вашиот незадржлив жар ве омоќува да ги предизвикате нормите, да ја насочите социјалната промена и технолошки напредок кој го одредуваат патот кон одржлив развој на човечкото општество. Сите ние имаме обврска да создадеме простор и можност за младите да ги остварат своите потреби, соништа и амбиции“, истакна Моника Сандри, Привремен вршител на работата Постојан координатор на ОН, која се обрати веднаш по краткиот музички вовед со звуците од хармоника на младиот уметник Алдин Мурати.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски рече дека Денот на младите треба да биде потсетник за институциите да го слушнат гласот на младите, а младите да бидат слободни во тоа што го прават.

Повеќе од 100 млади лица во Градскиот парк имаа можност да се запознаат и со процесот на изработка на Националната стратегија за млади 2023-2027, преку кратка презентација од страна на Агенцијата за млади и спорт. Гордана Цекова од Агенцијата истакна оти се работи на акциски план кој моментално е во владина процедура, а се очекува да биде усвоен во септември.

На настанот се додели и Наградата за младинско учество која препознава иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации. Доделени беа награди во три категории – во индивидуалната категорија за млади, добитник на наградата е Гоше Николов, младински активист и креатор зад содржината на Инстаграм платформата „Студентарија“, во категоријата неформални групи на млади добитници се Училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, додека во категоријата на младински организации, организации за млади и чадор организации наградата ја доби Здружението на граѓани Младите можат.

По доделувањето ан наградите, присутните имаа можност да ги посетат промотивните штандови на младинските организации и институции што спроведуваат активности за млади и одблиску да се запознаат со нивната работа.

Дел од настанот беа и прогресивните рок звуци на Рома рок скул и Димиш од колективот Гола планина, како и вкусна загкуска подготвена од млади луѓе што поминаа обука за кулинари под менторство на искусни шефови од FJ Culinary Consultants.