Истражување: Една третина од студентите се соочиле со дискриминација на факултет, малкумина пријавиле

УКИМ
Филозофски и Филолошки факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

Триесет проценти од студентите во земјава во одреден момент се соочиле со дискриминација на државните факултети и универзитети, но само 6,6 проценти пријавиле дека биле жртви на дискриминација.

Ова го покажа истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) за студентската перцепција за дискриминација на четирите државни универзитети – „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ), „Гоце Делчев“ – Штип (УГД), „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) и Државниот универзитет во Тетово (ДУТ).

Најголем дел од оние студенти што почувствувале дискриминација на своја кожа се студенти на УКИМ (16,9 проценти), потоа на УГД и ДУТ (5,3 проценти) и УКЛО (1,3 проценти).

Во однос на безбедноста на факултетите и универзитетите, истражувањето покажало дека, генерално, студентите се чувствуваат многу безбедно. Сепак, одредена група на студенти, како оние со попреченост и оние што не ги истакнале својот род и сексуална ориентација, се чувствувале најнебезбедно.

„Оние студенти што не се изјаснуваат на кој род припаѓаат размислуваат да заминат и од земјата и од универзитетот, затоа што сметаат дека не можат да си го израат доволно својот потенцијал“, истакна Софија Арнаудова-Георгиевска, авторка на истражувањето.

Во исто време, Ромите се чувствувале најмалку ценети како да не припаѓаат на универзитетот и рекле дека правичноста, еднаквоста и инклузијата на факултетите не се однесуваат на нив.

Високите оцени – причина за дискриминација од страна на колегите

Како најчеста причина за дискриминација, студентите го навеле натпросечното знаење и оценките, а најмалку попреченоста. Студентите одговориле дека биле етикетирани и отфрлани од страна на своите колеги поради тоа што имале натпросечно знаење.

Во однос на родот, податоците покажуваат дека студентите од женски род се најзадоволни од климата на факултетите и универзитетите. Вонредните студенти биле позадоволни од редовните, а според авторката на истражувањето, ова може да се должи на тоа што професорите ним им излегувале повеќе во пресрет, ценејќи го нивното време бидејќи биле вработени и не биле во можност да доаѓаат редовно на факултет.

Најзадоволни од климата на факултетите биле студентите на втор, а најмалку студентите на трет циклус. Во однос на студентите на прв циклус, особено интересен е податокот за задоволството од климата на универзитетите според годината на студии, според кој, најзадоволни се студентите од прва, а најмалку задоволни студентите од петта година.

Оние студенти кои се процениле себеси дека потекнуваат од семејства со висок социоекономски статус рекле дека се позадоволни од климата на универзитетите.

фото: Младински образовен форум (МОФ)

Социјална дистанца – студентите избегнуваат лица со попреченост, геј и лезбејки

Во истражувањето била опфатена и социјалната дистанца, за која авторката рече дека се однесува на тоа колку луѓето се чувствуваат пријатно и колку сакаат да остварат контакт со некој друг.

„Она што алармира е дека најголем проблем во контактите со другите има кога студентите контактираат со лица со попреченост и со лица кои имаат различна сексуална ориентација. Веројатно тука треба да се прашаме што е тоа и зошто на студентите им претставува проблем да контактираат со овие лица“, рече Арнаудова- Георгиевска.

Социјалната дистанца била најмала на УКИМ и на УКЛО, а најголема на ДУТ.

Алармантно е и тоа што само 7,6 проценти од сите студенти знаат дека на факултетите имаат постапка за пријавување на дискриминација, но сепак и тие не веруваат дека е валидна.

Инаку, студентите во најголема мера дискриминацијата ја пријавувале кај деканите, бидејќи деканот го гледале како „моќна фигура која може да придонесе за намалување на дискриминацијата“.

Најголем дел од препораките во истражувањето се однесуваат на измена на Законот за високо образование, каде се потребни интерни акти за спречување и заштита од дискриминација во рамки на универзитетите, но и проверка на сите студиски програми за да се види колку навистина постои дискриминација во предавањата и литературата.

Потребно е и јавно и редовно информирање на студентите и вработените на факултетите за сите форми и механизми на дискриминација и за начините на кои може да се санкционира истото, но и анонимни годишни прашалници за да се увиди што е тоа што навистина им пречи на студентите.

Професор не сакал да положи студент со Даунов синдром

На промоцијата на истражувањето зборуваа и студентските претставници од државните универзитети.

Студентската правобранителка на УКИМ, Теа Мицевска, истакна дека, иако во нејзиниот мандат не добила многу пријави за дискриминација, сепак се соочила со сведоштва на студенти кои не се осмелиле да пријават дека биле дискриминирани, бидејќи „не сакале да се дознае кои се, не верувале дека нешто ќе се смени и дека факултетот ќе преземе нешто“.

„Една од главните причини би била неинформираноста на студентите. Во таа насока сметам дека и ние како личности што доаѓаат од една држава која е дискриминаторски поставена и каде што институциите немаат слух за потребите на граѓаните, сме навикнати и во сите останати сфери да немаме доверба во сите надлежни инситуции и органи. Мислам дека тоа се пресликува и на универзитетот“, истакна Мицевска.

Мицевска рече дека дискриминацијата на универзитетите може да дојде од било кој член на академската заедница, а сподели и случај на дискриминација кој бил пријавен до неа и кој се однесувал на лице со попреченост.

„Стануваше збор за студент со Даунов синдром запишан на факултет, при што професорот буквално имал кажано дека во никој случај тој не би си дозволил со своето звање „доктор“ да пише оценка и да положи студент што има таква попреченост“, рече Мицевска.

Мицевска додаде дека е потребно УКИМ да даде поголеми напори за да го доближи универзитетот до студентите.

„Според закон, постои Комисија за заштита од дискриминација, која треба да биде составена од неколку професори, меѓутоа за таа комисија ние не сме информирани дали воопшто е составена како таква и дали ако е составена на некој начин работи. Исто така, Универзитетот именува едно лице кое што е задолжено за заштита во случај на корупција, меѓутоа повторно не сме информирани кој е тој човек и дали постапува на некој начин“, истакна Мицевска.

Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сподели дека во едногодишното работење на Комисијата, стигнала само една претставка од студентка за извршена дискриминација, што претставува околу 0,5 отсто од сите предмети доставени до Комисијата изминатава година.

„Станува збор за системска дискриминација, тоа е случај на индиректна дискриминација врз студентите, односно студентите кои првпат запишале академска година во академската 2021/2022 година и аплицирале за стипендии, земаат поголеми стипендии од оние кои веќе ги користат стипендиите. Односно, немаме усогласување на онаа програма за студентски стандард каде што има студенти кои под исти поставени услови аплицираат за стипендија, а добиваат различни висини на стипендиите, зависно од тоа кога првпат аплицирале. Тука имаме препорака до МОН за усогласување на програмата и висините на стипендиите и препорака до Владата да се усвои ваквата програма од страна на МОН“, истакна Јадровски.

фото: Младински образовен форум (МОФ)

Симона Наумовска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКЛО, рече дека истражувањето според кое климата на овој универзитет е најповолна за студентите, покажува дека универзитетот е раководен од вистински луѓе и работи на чување на највисоките вредности.

„Сепак истражувањето покажа дека дискриминацијата е застапена во поблага форма и сметам дека треба да се промовира почитувањето на човековите права и слободи, без оглед на раса, пол и јазик. За да се променат ваквите состојби, сметам дека промените треба да започнат од нас, а ние како Универзитетско студентско собрание, заедно со правобранителот ќе ги менуваме ваквите состојби со личен пример и активизам. Како претседателка ги охрабрувам сите студенти да веруваат во веќе формираните студентски тела и верувам дека само здружени во добрите намери ќе обезбедиме подобар студентски живот во секоја смисла на зборот“, порача Наумовска.

Претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ева Цветковска, рече дека сериозно недостасуваат реални и конкретни информации за дискриминацијата во високото образование. Таа го истакна како алармантен податокот дека Ромите се чувствуваат најмалку ценети на универзитетите и рече дека на факултетите е потребна поприфатлива средина за студентите кои не се со хетеросексуална ориентација.

„Постојат многу документи што се носат и кои се само формална прокламација и нешто за кое универзитетите можат да се фалат дека го донеле, како стратегии, етички кодекси и слично, но она што го гледаме во реалноста е дека не постои никаква фактичка реализација и нешто кое формалните документи би направиле студентите да се доближат до универзитетите и да се чувствуваат пријатно и комотно да ги пријават овие форми на дискриминација“, истакна Цветковска.

Истражувањето на МОФ е изработено во рамки на проектот „Студентска перцепција за дискриминација“ поддржан од Фондација Отворено Општество Македонија.