Тркалезна маса за дигитализација на високото образование: скап процес, а скромен буџет

фото: Мета.мк

Младинскиот образовен форум (МОФ) денеска организираше тркалезна маса на тема „Дигитализација на високото образование – предизвици и можности“ каде беа презентирани клучните наоди и препораки од истоимениот документ за јавна политика, а беше презентирана и дигиталната алатка развиена од студентки за време на студентскиот хакатон.

Документот за јавни политики на МОФ е изработен во рамки на проектот „Студентска акција за дигитализирани образовни услуги“, кој е поддржан од Фондација Метаморфозис и ко-финансиран од Европската Унија.

При презентацијата на документот, од МОФ нагласија дека е направена анализа на документите на Владата, на Министерството за образование и наука (МОН), на УКИМ, како и на Националниот совет за високо образование, во врска со нивните активности за дигитализација.

Потребно е дигитализирање на образовните програми, но и на административните процедури

Во документот се дадени препораки, кои се однесуваат на развивање на Национална стратегија за дигитализација во високото образование, процес за кој беше истакнато дека мора да ги вклучува студентите, потоа зголемување на буџетот за високо образование со нова ставка за дигитализација, креирање на работни групи за дигитализација на високо образование, воведување на електронско уплаќање на школарина, електронско запишување и заверување на семестри и обуки на административниот кадар.

„Според мене ова се најгорливи проблеми на студентите, не само затоа што се чека ред, туку затоа што голем број студенти изгубиле шанса да се запишат на магистерски студии затоа што по печатена форма тој процес оди многу бавно и тие не стигнале да си ја земат дипломата или барем некоја потврда дека имале положени испити, затоа што некоја пријава им била изгубена во студентска служба или професорот заборавил да ја однесе пријавата“, истакна Јоана Тренеска, модератор на тркалезната маса.

Останатите препораки вклучуваат воведување бесплатен интернет на факултетите, но и бесплатен компјутер за оние студенти кои не можат да се снабдат со ваков уред.

„Ова треба да се унифицира, затоа што не може да има дигитални услуги, а да нема интернет за да можат да се искористат тие услуги. Покрај тоа, студентите што имаат слаб интернет дома или воопшто немаат, треба да се потпрат на факултетите и тие да им обезбедат интернет“, истакна Тренеска.

фото: Мета.мк

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, истакна дека во нашето општество дигитализацијата се смета како луксуз, додека за нејзино воведување е потребна соработка од повеќе институции.

„Процесот на дигитализација не може да се реализира никогаш од една страна,  ќе мора да има соработка од повеќе страни. За овој период 2021/2022 година, со наша волја или без наша волја знаеме дека сите имаме ограничувања во делот на буџетот, поврзано со здравствената криза, а потоа и со економската криза. Но, и во време на криза треба да се инвестира во дигитализација“, истакна Шаќири.

Шаќири рече дека институциите, меѓу кои МОН, но и самите универзитети, треба да ги почитуваат заклучоците и препораките на Владата и да предвидат средства за дигитализација. Тој порача дека придонес кон овој процес треба да дадат и Националниот совет за високо образование, како и Агенцијата за квалитет на високото образование.

„Ова е потреба за сите студенти, на пример многу процеси каде што ние го менаџираме студентскиот живот на студентите зависат и од процесот на дигитализација – пријавување на испит, потврда за семестар, земање на потврда од универзитетите. Ова не е сработено, треба да влеземе во овој процес и повеќе да работиме“, заклучи Шаќири.

фото: Мета.мк

„Дигитализацијата е скапа алатка“

На настанот се обратија и проректорот за настава на УКИМ, Христина Спасевска и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Иван Чорбев. Како главни предизвици за процесот на дигитализација на најголемиот универзитет тие ги истакнаа скромниот буџет на УКИМ, комплексноста на студиските програми на факултетите, но и безбедноста на електронскиот систем.

„Последниве десетина години УКИМ е целосно свртен кон себе, кон своите технички, финансиски и човечки ресурси, затоа што толку е поддршката. Сите наши системи што се развиваат се со сопствени ресурси. Она што ќе биде голем предизвик е безбедноста на системот. Овој систем што го имаме е стар 15 години, изграден со Европски проект кој чинеше 1,5 милион евра. Дали УКИМ сега има толку пари за нов систем?“, рече Спасовска.

„Универзитетот со тешки маки го финансира одржувањето на овој систем. Не е само опремата, туку требаат и лиценци, а да не зборувам за безбедноста. Дигитализацијата е скапа работа од многу аспекти, а и сè поскапа станува“, истакна Чорбев.

Деканот на ФИНКИ додаде дека за да се дигитализираат процесите, најпрво е потребна реформа на истите со која ќе се исфрлат непотребните чекори и документи.

„УКИМ е исклучително разновиден универзитет. Режимите на студирање на техничките факултети, наспроти општествените и уметничките, немаат допирна точка. Потребен е баланс помеѓу желбите на факултетите, реалните потреби на студентите и режимот на студии, наспроти унифицирање на процесите во еден едноставен мејнстрим начин на работење. Колку се поедноставни системите и колку се попрости, полесно се одржуваат, надградуваат, користат и поправаат“, истакна Чорбев.

Од УКИМ најавија дека претстои тестирање на модул за електронско плаќање, кој се очекува да биде воведен на факултетите со стартот на новата академска година во октомври.

фото: Мета.мк

Претседателката на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, Ева Цветковска, истакна дека изговори за дигитализација има многу и дека кај студентите се создава аверзија во однос на погледот кон ваквите процеси.

„Таму каде што има волја за реализација, има реализација. Сметам дека сите страни треба да соработуваат интеринституционално“, рече Цветковска.

На настанот беше претставено и победничкото решение од Хакатонот што го организираше МОФ. Дигиталната алатка „Students2Students“ е замислена како надградба на сегашниот iKnow систем, која треба да ги реши проблемите со кои студентите на УКИМ се соочуваат често, а кои претставуваат кршење на нивните студентски права.