Објавен повик за млади истражувачи за регионална мобилност

Младинскиот образовен форум (МОФ), заедно со Центарот за наука и иновации за развој (SCiDEV) од Албанија и Центарот за образовна политика (ЦЕП) од Србија објавуваат повик за млади лица за истражување, активизам и зајакнување на регионалната соработка меѓу трите земји.

Како што соопштија од МОФ, повикот е дел од Регионалната програма за младинско лидерство за мобилност за 2022/2023 година и е отворен за млади луѓе на возраст од 20 до 30 години.

Заинтересираните млади треба да аплицираат со предлог-теми за обработување за време на мобилноста и тоа во склоп на една од следниве области: регионална соработка, младинска невработеност, миграција и одлив на мозоци, учество на млади и младинска акција за заштита на животната средина.

Процесот на аплицирање ќе се врши во два чекора. Најпрво, сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот за аплицирање, да прикачат биографија и писмо со препорака, по што ќе биде извршена евалуација на пристигнатите апликации и апликантите кои ќе влезат во потесен круг ќе бидат повикани на интервју.

Избраните учесници потоа ќе бидат споени во мешани тимови во согласност со нивните предлог-теми. Сите избрани учесници ќе поминат период на мобилност во времетраење од две до три недели во секоја од трите земји, каде што ќе работат на одбраните теми заедно со членовите од тимот и нивните ментори.

Од МОФ додаваат дека на учесниците ќе им биде обезбедена финансиска поддршка за да ги завршат проектите и да ги покријат трошоците за мобилност.

Крајниот рок за аплицирање на повикот е 31 јануари, а повеќе информации можат да се најдат на овој линк.