Промовиран водич за медиумска писменост за родители и старатели на деца

Водичот содржи совети за родителите и старателите како полесно да се снајдат во новото време на технолошка и дигитална експанзија

фото: Водич за медиумска писменост за родители и старатели ДИГИТАЛНИОТ СВЕТ НА ГЕНЕРАЦИЈА АЛФА

Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС денеска го промовираа водичот за медиумска писменост за родител и старатели на деца од 5 до 10 години „Дигиталниот свет на генерација алфа“, кој е дел од проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“ на УСАИД.

Водичот содржи совети за родителите и старателите како полесно да се снајдат во новото време на технолошка и дигитална експанзија. Авторките на водичот Тамара Ќупева и Ирена Христовска за време на промоцијата ја претставија содржината и наодите од истражувањата.

„Онлајн активностите на децата стануваат важен дел од нивниот развој и мора да бидеме свесни какво влијание тие имаат врз нивните интелектуални, мисловни, јазично-лингвистички, емоционални и физички активности“, рече Ќупева.

Христовска додаде дека станува збор за „стаклена генерација“- дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор.

„Јутјубери, тиктокери и гејмери… Тие учат, играат и комуницираат различно од сите претходни генерации. Го осознаваат светот во целосно дигитално опкружување. Имаат различна перцепција на непосредната околина, на играта, на социјализацијата, на фикцијата, на стварноста, на текстот, на јазикот“, истакна Христовска.

Психологот Ана Попризова, која е коавтор на водичот рече дека дигиталната комуникација воспоставена преку информатичките уреди има огромно влијание врз процесот на формирање на идентитетот.

„Детето не е само член на семејството и на општествената заедница. Тоа е исто така и член на виртуелно, дигитално општество кое го поврзува со нови мали „општества“ во кои е подложено на различни влијанија“, рече Попризова.

Водичот „Дигиталниот свет на генерација алфа“ може да се најде на овие линкови на македонски и на албански јазик.