Студентски хакатон за изработка на предлози и идеи за дигитализација на услугите во високото образование

фото: Danial Igdery на Unsplash

Младинскиот образовен форум (МОФ) организира студентски хакатон за изработување решенија, предлози и идеи кои ќе придонесат кон дигитализација на услугите во рамки на високото образование.

Хакатонот ќе се одржи од 25 до 27 февруари, а како што соопштија од МОФ, предност ќе се даде на студенти што студираат на факултети од областа на техничките и информатичките науки. Учеството на дипломирани студенти и магистри по информатички науки е дозволено и охрабрено.

„Целта е студентите да придонесат во подобрување на работата на факултeтот/универзитетот каде студираат, да ја унапредат состојбата со студентското организирање или да им овозможат полесно справување со административните процедури на универзитетите. Идеите кои ќе се изработат на овој хакатон треба да им помогнат на студентите да влијаат на одреден проблем од високото образование“, велат од Младинскиот образовен форум.

Пријавувањето на хакатонот е индивидуално или во тимови. Тимовите треба да се состојат од пет студенти. Учесниците ќе имаат можност да работат под менторство на искусни програмери и да се здобијат со знаења во областа на програмирањето.

Тимот што ќе ја изработи најдобрата идеја ќе добие финансиска поддршка од 1.000 евра со цел да ја направи алатката спремна за употреба за институциите на Министерството за образование и наука. Ќе имаат и можност да го презентираат продуктот на јавна дебата во која ќе учествуваат претставници од МОН, студенти и младински организации.

Пријавувањето за хакатонот се врши на следниов линк, а повеќе информации можат да се најдат овде.

Хакатонот е организиран во рамки на проектот „Студентска акција за дигитализирани образовни услуги“, поддржан од Фондација Метаморфозис преку проектот за зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, ко-финансиран од Европската Унија.