Училиштата мора да бидат безбедна средина за нивните ученици, реагираат организациите

Објавата на средношколка за случувањата во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, која беше пренесена во медиумите, го реактуелизира долгогодишниот проблем со непедагошко, непрофесионално и насилничко однесување на наставниците кон учениците, се вели во заедничкото соопштение на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Младинскиот образовен форум (МОФ) и Сојузот на средношколци (ССРСМ).

Од таму велат дека кога училиштето станува небезбедна средина во која децата се подложени на малтретирање, омаловажување и притисоци, тоа не значи само кршење на Конвенцијата за правата на детето, туку остава долгорочни последици врз нивното здравје и понатамошниот животен развој.

„Досегашната пракса покажува дека институциите несоодветно или воопшто не постапуваат по пријави за деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици“, се вели во соопштението.

Организациите ги охрабруваат сите ученици да пријават вакви исуства, со цел да се изврши притисок за институционално справување со овој проблем.

„Поради бројните проблеми со кои се соочува образовниот систем, кадарот кој ги крши основните предагошки начела и закони во својата работа, несомнено придонесува за очигледната дисфункционалност на образованието, слабите резултати и трауми кај учениците. Училиштата мора да бидат безбедна средина за нивните ученици“, стои во реакцијата.

Хелсиншкиот комитет соопшти дека веќе постапува по пријавите кои пристигнаа веднаш по објавата за музичкото училиште.

НМСМ, МОФ или ССРСМ ќе им помогнат на учениците да стапат во контакт со тимот за бесплатна правна помош на Хелсиншкиот комитет. Доколку некој ученик имал слично искуство, од таму советуваат да се обратат на правниот тим во канцеларијата на улица „Наум Наумовски Борче“ 83 во Скопје, на е-адресата [email protected] или на телефонските броеви 023119073 и 072278436.